Играњето со бебето е едно од оние мали задоволства во животот кога навистина чувствувате дека сте поврзани со друга личност. Тоа, сепак, не се случува само во вашата глава. Сега има доказ дека мозочните активности реагираат во зависност од тоа дали играте со вашето бебе.
Во студија спроведена од истражувачи во лабораторијата „Принстон бејби“ во САД ги набљудувале мозочните активности на 18 деца, на возраст од 10 до 15 месеци, додека тие играле со возрасно лице. „Претходните истражувања покажале дека мозоците на возрасните лица се синхронизираат кога гледаат филмови и слушаат приказни, но малку е познато за тоа како оваа природна синхронизација се развива во првите години од животот“, вели когнитивниот психолог Елис Пиаза.
Ваквата интерперсонална синхронизација не е предизвикана од некои чудни трансмисии, туку е продукт на добро нагодени шеми кои ги координираат задачите во различните делови во мозокот како одговор на стимулатори. Тие стимулатори вообичаено доаѓаат од други региони во истиот мозок, но делата на другото лице исто така може да влијаат врз тоа како ги процесираме информациите и како ќе го создадеме одговорот.
Исто така, нашите дела може да влијаат врз мозокот на другото лице, поставувајќи фидбек-јамки кои брзо преминуваат во процес на синхронизирање. Лесно е да се покаже како ова се случува кај мозок на возрасно лице. Невролошките функции што ги процесираат и одговараат на сензорните информации во нашите мозоци користат голема количина енергија, па истражувачите едноставно ги мерат и уочуваат суптилните промени во инфрацрвениот сјај на нашиот мозок, како што хемоглобинот ослободува кислород.
Како што можете да замислите, децата не се секогаш волонтери што соработуваат. Од првичната селекција на волонтери-деца, 15 од нив биле премногу „немирни“ за истражувачите да можат да ги согледаат резултатите. Три од нив одбиле да носат капа преку која се врши инфрацрвеното читање. На крајот, истражувачите го анализирале префронталниот кортекс, темпопариеталниот спој и париеталниот кортекс – сите овие области се вклучени во процесирањето на јазикот, креирањето предвидувања и разбирањето на другите перспективи – на 18. деца што биле вклучени во истражувањето заедно со возрасно лице во извршувањето едноставни задачи.
Понекогаш уживале во читање приказни за добра ноќ, додека седеле во скутот на родителот. Другпат родителот им пеел песнички или, пак, играле со играчки. Се открила слична синхронизација која се случува кај бебињата како и кај возрасните – нивните мозоци се усогласувале во региони кои вклучуваат процесирање информации, но само во случаи кога и двете страни биле во директна интеракција.
Мозокот на возрасното лице предвидува кога детето ќе се насмее, а мозокот на детето учествува кога возрасниот користи бебешки говор, а мозоците на двете страни го следат контактот со очите и вниманието насочено кон играчките. Па, кога бебето и возрасното лице играат заедно, нивните мозоци си влијаат меѓусебно на динамичен начин.
– Ова било поуочливо во префронталниот кортекс, делот од мозокот кој е насочен на планирање и учење. Бидејќи тоа е регион кој треба допрва да се развива кај децата, ова откритие е изненадувачко. „Исто така, изненадени сме што откривме дека мозокот на детето често е водечки за мозокот на возрасното лице, во период од неколку секунди, што сугерира дека бебињата не примаат пасивно информации, туку ги водат возрасните кон следниот чекор на кој ќе се фокусираат: која играчка да ја изберат, кои зборови да ги кажат – вели психологот Кејси Лиу-Вилијамс.
Да ги знаеле правилата, бебињата би биле одлични играчи на покер. Тешко е да се знае што се случува во тие мали умови во развој само по гледање во нивното лице. Но, станува јасно дека уште од најмала возраст децата ги водат оние околу нив, предизвикувајќи и нашите мозоци да бидат во чекор со нивните.
– Нашето истражување, преку користење технологија соодветна и за деца, обезбедува да добиеме прва демонстрација на динамичната улога што ја имаат и мозокот во развој и веќе развиениот, зрел ум, за време на реалната социјална интеракција – напишале истражувачите во нивниот извештај. Истражувањето е објавено во списанието „Психолошка наука“.