Денес на прес конференција одржана во владата на Р.Македонија, министерот Филипче најави дека повторно се започнува со постапка за распишување на тендер за реагенси и централизација на лабораториите. Во својата изјава министерот Филипче посочи дека претходно биле изнесени доста дезинформации при претходната постапка, но и покрај тоа што биле дезинформации тој ја прекинал постапката. Прво се поставува прашањето зошто се прекинала постапката ако било сето тоа базирано на дезинформации?
Во продолжение на пресот министерот изнесе информации поврзани со самата постапка, дека сега целиот тендер е поделен на неколку лотови, што во превод значи повеќе компании ќе може да земат работа во оваа тендерска постапка нема да биде само една. Потоа се посочи дека нема да има само неколку или седум централизирани лаборатории на територијата на цела Република, туку ќе има во секој поголем град и доколку во некој град има неколку ќе се сведе на една, сето тоа сеуште е во процес на разработка, но до крај на постапката пред да се започне со распишување на тендерот министерот вети дека сето тоа ќе биде транспарентно и дека ќе биде убаво објаснето преку медиумите на сите граѓани на Македонија.
Следствено на историјата на ветувања што ги има дадено министерот за здравство и бројот на реализирани ветувања, не значи дека може да очекуваат многу граѓаните и пациентите на Македонија, ниту пак медиумите, но сепак постои шанса работите да се одвиваат поинаку, затоа ќе оставиме простор да видиме како ќе се изреализира оваа замисла на министерот Филипче понатаму.
Тендерот изнесува сеуште 35 милиони евра, со временска рамка од три години, со тоа што сега има еден мал апгрејд, никаде не се кажува дека договарањата ќе бидат во четири очи, ниту се посочува колку се парите во бројки што во моментот се трошат за реагенси во лабораториите и поради што се централизираат. Ако е тоа поради заштедата на средства во период од три години, прво колку се предвидува дека ќе се заштедат средства, бидејќи и на веќе поставено прашање од новинар колку пари во моментот се трошат за сервис и реагенси, министерот не даде конкретен одговор туку посочи дека „Огромен број на пари за сервис и огромен број на пари за анализи“. Освен тоа се посочува дека ќе се заштедат околу 15% од некоја фиктивна сума која само министерот ја знае а народски кажано е „огромни пари“.
Битно беше дека министерот и овој пат посочи дека нема да има бркање на персоналот кој ќе остане од лабораториите каде што ќе се врши централизација, едноставно тие ќе продолжат да функционираат, евентуално главната биохемиска лабораторија во рамките на клиничкиот центар би се зајакнала со персонал, доколку се увиди дека тоа е потребно. Втората работа која е исто така интересна, а министерот ја посочи е дека за да учествуваат на овој тендер ќе може само компании со светско реноме и кои имаат работна историја од неколку години и справување со ваков вид на набавки.
Но, при тоа Филипче не заборави да спомене дека и на претходно распишаниот тендер компанијата која конкурирала не била само неколку месеци стара, во позадина на таа компанија стоела компанија со светско реноме. Ако вакви се светски реномираните компании кои ќе аплицираат и на вториот обид за истиот тендер за реагенси што според министерот е во ред и прифатливо, во тој случај резултатите и од овој распишан тендер ќе бидат повторно трошок по џебовите на обичните пациенти на кои овие услуги им значат живот!