Денеска пред спортската сала „Борис Трајковски“, министерот за здравство Венко Филипче одржа прес конференција со што потврди дека во земјава ќе пристигнат нови количини на вакцини против Ковид-19. Преку КОВАКС системот се очекува да пристигнат 100 илјади вакцини од „Фајзер“, а на почетокот на јуни се очекуваат и 500 илјади вакцини од кинеската компанија „Синовак“.

– 500 илјади вакцини од „Синовак“ ќе пристигнат на почетокот на јуни како и 100 илјади вакцини од Фајзер преку КОВАКС системот. Имаме најава дека на крајот на месец мај, ќе пристигнат и руските вакцини, но немаме се уште потврда. Има сосема доволен број на вакцини за да се задржи ова темпо на вакцинација“, изјави Филипче. Тој додаде и дека во моментов тече вакцинацијата на хронично болните лица.

Во однос на можните проблеми со нарачката на руските вакцини, откако во текот на вчерашниот ден еден дипломат од Руската амбасада беше прогласен за непожелна личност во Македонија, министерот Филипче посочи засега нема такви информации и дека нема најава за политизација на пристигнувањето на истите.

Инаку во текот на вчерашниот ден, Министерството за надворешни работи соопшти дека согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Македонија, при што се наложи посочениот дипломат да ја напушти земјата во рок од седум дена.