Ако пешачите околу 8.000 чекори еднаш или двапати неделно, може значително да го намалите ризикот од рана смрт, покажува новото американско истражување.
Вежбањето редовно се поврзува со помал ризик од смртност, но оваа студија, објавена во списанието JAMA, ги разгледа здравствените придобивки од енергичното одење само неколку дена во неделата. Истражувачите од Универзитетот во Кјото и Универзитетот во Калифорнија анализирале податоци собрани од 3.100 возрасни Американци.
Резултатите покажале дека кај оние кои пешачеле 8.000 чекори еден или два дена во неделата, веројатноста за смрт во период од десет години била за 14,9 отсто помала отколку кај групата која не ја практикувала. Кај луѓето кои оделе 8.000 чекори или повеќе, три до седум дена во неделата, ризикот од смртност бил исто така помал – 16,5 проценти. Најголеми здравствени придобивки од овој тип на одење имаа учесниците над 65 години.
Научниците го поврзале одењето околу 8.000 чекори еднаш или повеќе пати неделно со намален ризик од смрт од која било причина, вклучително и кардиоваскуларни болести. „Овие резултати сугерираат дека поединците можат да постигнат значителни здравствени придобивки со пешачење само неколку дена во неделата“.
Во истражувањето биле користени податоци од 2005 и 2006 година и биле вклучени 3.100 учесници, а податоците за нивната смртност биле испитани 10 години по истражувањето. Меѓу учесниците во истражувањето, 632 луѓе не пешачеле ниту еден ден во неделата, 532 оделе околу 8.000 чекори еден до два дена во неделата и 1.937 пешачеле три до седум дена во неделата.
Според клиниката Мајо, просечниот Американец оди од 3.000 до 4.000 чекори дневно. Дополнително, докажано е дека пешачењето како редовна активност може да го намали ризикот од развој на срцеви заболувања, дебелина, дијабетес, висок крвен притисок и депресија.