Зошто се случува насилство меѓу врсниците и од каде потекнува оваа агресивност?
Клучниот збор е воспитувањето. Нема успешен рецепт за воспитување деца, но основната состојка е имитацијата. Целото детство е имитација. И периодот на адолесценција е имитација. Децата на прават ништо поразлично од она што го гледаат на телевизија, на интернет, по весници, во своето опкружување.
Главно, децата најмногу учат од родителите и со нив се идентификуваат. Природата на децата е таква, а особено во предадолесцентната доба, што имаат зголемена потреба за движење и акција.Исто така, имаат тенденција во очите на некој друг да бидат нешто. На таа возраст, кога сè уште не е целосно развиено апстрактното размислување, тој некој секогаш е конкретен, како личност од телевизија, како вештина во спортот, како убавина на тело и слично. Со сето тоа се буди и сексуалноста, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
Имено, никому на челото не му пишува колку е паметен или добар, па ако не ги поседува посакуваните особини, нема да му биде лесно да заземе свое место во општеството. Некои деца ќе се посветат на различни активности и учење, а некои немаат доволно самодоверба, па сакаат со негативно однесување да привлечат внимание на себе. Тоа може да бидат и доста интелигентни деца.
Сега сите се прашуваат како да се реши проблемот со врсничкото насилство во училиштата. Она што е добро е дека ваквото однесување се препознава како проблем, но тоа е проблем на целото општество, а не само на семејството или училиштето.
Првиот предуслов, како превенција на проблемот во однесувањето, е добрата врска помеѓу децата и родителите. Неопходно е децата да се вклучат уште од најрана возраст во семејните активности и да им се дадат работни одговорности според возраста и способностите. Времето што децата го поминуваат пред екранот треба да се минимизира. Особено е важно малите деца да не се изложени на ваков вид стимул бидејќи нивниот нервен систем едноставно не може да го процесира, а да нема негативен ефект врз развојот на говорот, однесувањето и учењето.
Се поставува и прашањето дали училиштата се само образовни институции или имаат и воспитна функција. За жал, реалноста е таква што училиштето сè повеќе ја губи воспитната функција или целосно ја изгубило. Големо внимание е посветено на програмите за учење и наставата, а воспитните програми се запоставени или не постојат.
Како училиштето како институција може да го реши проблемот со врсничко насилство?
Преку учење на децата на добрина и емпатија низ социо-емоционално учење за време на различни акции и работилници. Треба да се разговара за разликите меѓу луѓето и за прифаќањето на тие разлики. Постои една изрека што вели дека е неопходно да сте во нечии чевли за да видите како таа личност се чувствува.
Треба да создадете можности за поврзување на децата преку различни слободни и воннаставни активности и групна работа. Предвидено е училиштата да нудат различни активности што детето ги избира според својот интерес. За жал, ова често е само формалност бидејќи училиштето нуди активност што одговара на просторните и кадровските капацитети. На пример, во училиштата со голем број ученици што имаат помалку училници наставниците на почетокот на годината им сугерираат на учениците и на родителите кои воннаставни активности може да ги изберат. Ако ова се спроведе онака како што е предвидено, во голема мера ќе придонесе за спречување на врсничкото насилство.
Уште од прво одделение, ако не и од градинка, можеме да забележиме деца што имаат шеми на однесување кои навестуваат подоцнежна појава на врсничко насилство. Индикаторите што наставниците можат да ги забележат кај одредени врсници се упадлив поглед, вртење грб, ги следат другите деца и ги вознемируваат, ги тераат другите деца да исклучат некое дете, го исмејуваат другарчето итн. Сето тоа може да се препознае и веднаш да се реагира. Потребно е да се вклучат и родителите, дури и ако проблемот изгледа безначаен.
Од суштинско значење е правилата донесени на училиште секогаш да важат за сите. Детскиот психијатар д-р Светомир Бојанин ја објавил книгата „Училиштето како болест“ и со години предупредува за овие проблеми. Како изгледа тоа во практика? На пример, училиштето донесе правило да не се користат мобилни телефони или учениците не можат да влегуваат од главниот, официјалниот влез, а потоа некои наставници го толерираат тоа, а некои не. Им праќаме порака на учениците дека правилата може да важат и не мора да не важат, така што, како што вели професорот Бојанин, училиштето ги учи децата дека правилата во животот не се важни и дека не треба да се почитуваат.
Предметите физичко, ликовно и музичко образование се многу важни и треба да се посвети максимално внимание затоа што децата најдобро комуницираат на овие активности. Особено на часовите по физичко образование децата можат да реализираат добри пријателства.
Секое одделение еднаш неделно има одделенски час. Од децата слушаме дека тие часови се користат за да се заврши почнатиот час по математика или други предмети. Или кога ќе се појави дисциплински проблем, овие часови се користат за да се дискутира и да се закануваат наставниците со дисциплински казни. Притоа, најчесто станува збор за еден ученик, додека целото одделение мора да го слуша сето тоа во форма на обраќање кон сите. Честопати предметните наставници им даваат на децата одговорност да го пријават лошото однесување на соученикот или цело одделение го казнуваат поради немирен ученик. Тоа не е добро бидејќи така меѓу децата се создаваат лоши односи. Одделенскиот час практично е превенција од непосакувано однесување. Тука не треба да се зборува за проблемите, туку е неопходно со децата да се води пријателски разговор за тие подобро да се запознаат и да се поврзат.
Она што би можеле да го истакнеме, повторно цитирајќи го професор доктор Светомир Бојанин, е дека сите тие проблеми не дошле на училиште со предавање и објаснување на децата дека треба да се однесуваат лошо. Затоа проблемите не можат да се решат така. Едноставно, потребна е промена на парадигмата во образованието. Еден од начините за долгорочно решавање на проблемите е во програмите на наставниците, воспитувачите, учителите, да се воведат предмети што ќе се занимаваат со оваа проблематика. Исто така, во некои случаи неопходно е училиштето да води дисциплинска постапка против учениците, но честопати слушаме од наставниците дека се ограничени. Како и да е, казната сама по себе не игра голема улога колку што играат наведените мерки за превенција.