Од 1 септември ќе почне со работа Центарот за ран детски развој во село Тркање, Кочанско. Во Центарот кој е во состав на детската градинка „Павлина Велјанова“ ќе бидат сместени 20 деца, по три часа секој работен ден. Згрижувањето ќе биде бесплатно.„Навистина ми е драго што овој центар во Тркање е во рурална средина и ги прави последните подготовки за отпочнување со работа. Од она што можев да го видам, обезбедени се соодветни услови, опрема и дидактички средства, соодветен кадар како програма за вршење на дејноста. Центарот е наменет за деца на возраст од 3 до 6 години и ги повикувам родителите од селото да ги запишат децата за да може да започнат да ја следат програмата од септември“, рече министерката за труд Мила Царовска.

Таа додаде дека  Кочани е и една од првите 4 општини која ќе гради нова градинка за над 100 деца со грант од Светска банка, за што минатата недела беа потпишани договори.
„Министерството за труд и социјална политика продолжува да инвестира во раниот детски развој со отворање на нови градинки и центри за ран детски развој, проширување и опремување на постојните објекти, но и со јакнење на професионалните компетенции на кадарот што работи со децата“, рече Царовска.

Oд мај 2017 до мај годинава МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита.