Љубовта ги радува сите и нема ништо поубаво од тоа да поминуваме квалитетно време со партнерот – освен што сме среќни и расположени кога сме заљубени, присуството на нашата „друга половина“ може да ни помогне и на други начини.
Љубовта може да нѐ разубави, бидејќи го поттикнува растот на косата, а може и да го подобри нашето здравје со подобрување на квалитетот на нашиот сон, намалување на воспалението, ублажување на болката…
Заљубувањето е неизбежен дел од човековата природа, но механизмите кои влијаат на развојот на љубовта не се доволно истражени. Сега полето на „проучување на љубовта“ се развива сè повеќе и со текот на времето станува се појасно какви психолошки и физиолошки ефекти може да има оваа силна емоција врз нас.
Кога сме заљубени, нашиот мозок работи поинаку и личноста во која сме заљубени станува главен приоритет, покажаа најновите студии, па истражувачите открија дека чувството да се биде заљубен има големо влијание врз однесувањето, пренесува „Дејли Мејл“.
„Иако љубовта е силна емоција, на крајот, главната, еволутивна цел се гледа во нашето однесување – нè наведува да се додворуваме на партнерот, да се грижиме за него, редовно да имаме секс“, објаснува антропологот Адам Бод, автор на студијата во која го анализирал однесувањето на возрасните кои тврделе дека се „среќно вљубени“. Покрај тоа што заљубувањето кај луѓето ги лачи „хормонот на љубовта“ (окситоцин) и „хормонот на среќата“ (допамин), постојат и бројни физиолошки реакции. Покрај очигледните ефекти врз животот и однесувањето, на кои начини љубовта може да го подобри нашето здравје?
Спиење
На пример, спиењето покрај саканата личност може позитивно да влијае на спиењето. Иако можеби ни пречи кога партнерот ни го „краде“ ќебето или ако силно ‘рчи, а мислиме дека немаме квалитетен сон, студиите покажаа дека спиењето со партнерот ја подобрува РЕМ фазата на спиење. Оваа фаза, која служи како „мост“ до длабок сон, е важна за регулирање на емоциите, меморијата и когнитивното решавање на проблемите.
Научниците дошле до овој заклучок по студијата од 2020-та година во која го скенирале мозокот на четири млади вљубени парови во текот на ноќта кога спиеле одвоено, а потоа заедно. Иако имало повеќе физички пречки при споделување на креветот со партнерот, квалитетот на добиениот сон бил значително подобар.
Раст на косата
Исто така, постојат истражувања кои покажуваат дека љубовта може дури и да го поттикне растот на косата – окситоцинот, хормон кој се ослободува кога ја допираме и гушкаме саканата личност, може да помогне во растот на дермалните папилни клетки, кои играат голема улога во растот на косата.
Варење
Љубовта влијае и на микробиомот на цревата, кој влијае на бројни функции на телото, од варење до функција на мозокот. Британско истражување од 2019-та година покажа дека луѓето кои биле во сериозни врски и имале чести физички контакти, исто така, имаат најразновидни цревни микробиоми.
Намалување на болката
Дури и самото присуство на партнер може да ја ублажи болката, покажа студија од 2019-та година. Научници од Австрија ја тестирале отпорноста на болка кај учесниците кои биле сами, а потоа и кога биле заедно со партнерот.
Тие заклучиле дека толеранцијата на болка се зголемува и кај мажите и кај жените кога допирале или разговарале со саканата личност. Кај некои, болката се намалила само затоа што биле свесни дека нивниот партнер е во иста просторија со нив.
Намалено воспаление
Друго позитивно влијание што љубовта го има врз нашето здравје е намалувањето на воспалението на рожницата, што ги намалува шансите за развој на сериозни болести како што се дијабетес, срцеви заболувања и некои видови на рак. Минатата година, научниците од Северна Каролина открија дека квалитетното време со партнерот го намалува нивото на Ц-реактивен протеин (CRP), клучен показател за хронично воспаление.
Откако анализирале различни парови повеќе од еден месец, научниците откриле дека колку повеќе време љубовниците поминуваат заедно, толку е помало нивото на „CRP“.
Допаминот и невозвратената љубов
Љубовта води до ослободување на допамин, хормонот на среќа и задоволство, кој е добар за многу телесни функции, како што се меморијата, мобилноста и расположението. Не го добиваме истиот интензитет на лачење на овој хормон кога ќе запознаеме некој во кој не сме заљубени (пријател, член на семејството), па љубовта навистина може да ја подобри нашата физичка кондиција.
Сепак, постои и „опасна“ страна на ова ослободување на допамин, особено ако нашата љубов не е возвратена.
„Невозвратената љубов може да доведе до зависно однесување – секоја клетка во нашето тело сака да биде со саканата личност. Ако тоа не се случи, нивото на допамин опаѓа и хормоните на стрес (кортизол) преовладуваат, за да нѐ „туркаат“ да го вратиме допаминот“, објаснува експертот за зависности д-р Емилија Вуорисалми.
„Тоа е еволутивен процес, кој нѐ мотивира да ги пренесеме нашите гени на идните генерации. Ако не успееме, можеме да се обидеме да правиме други работи кои го зголемуваат нивото на допамин, можеби тренираме за маратон, имаме секс со некого, се свртиме кон дрогата, алкохолот…“
Така, колку што љубовта може да ни помогне, може да нѐ поттикне и да правиме избори што не се добри за нас, затоа – добро одберете го вашиот партнер, бидејќи од тоа може да зависи нашето здравје!