Минатата недела по социјалните мрежи се обелодени дека Стојан Павлески, кој е самохран татко на едно малолетно дете, лежи веќе 4 месеци на клиниката за Трауматологија во Државна болница, во тешка состојба со декубитни рани по телото од половина надоле, од кои се шири непријатен мирис.
Павлески пред неколку месеци бил нападнат и претепан речиси до смрт. Има повреди на рбетот и крварење во мозокот. Лежи неподвижен во горните и долните екстремитети и неговите се жалат дека мораат сами да му ги преврзуваат раните бидејќи персоналот на клиниката се жали на предолгиот престој како и на мирисот кој се шири од раните.
По оваа вест и преку фб статус се јави и неговата сестра каде што го повикува министерот за здравство Венко Филипче да ја посети Клиниката за Трауматологија, во државната болница и да ги утврди причините за фактот дека таму, веќе четири месеци, секојдневно, дел по дел , се убива човек!
Во самото писмо Митевска наведува – „ Првите три дена на Трауматологија, брат ми беше контактибилен, зборуваше и стануваше, а потоа од лековите стана коматозиран. Четири месеци го држат на некаква инфузија или раствор, кој секојдневно му го убризгуваат во телото. Повремено му даваат и малку антибиотик( така ни велат медицинските лица) и сите заедно кои се „грижат“ за него молчат! Кога има медицинска визита, нас домашните, нѐ бркаат од собата. Сите дијагнози и документи се чуваат под клуч, кај Началникот! Докторот, кој што ја изврши операцијата на носот, предложи пациентот да биде префрлен на друго одделение, но препораката беше неуспешна, заради НАРЕДБИТЕ од неговите претпоставени, Директорот, началникот или кој знае кој, кои имаат за цел , брат ми да биде умрен, свирепо, на тенане.“
По овие објави се јави и самото министерство каде што наведуваат дека го посетиле пациентот и она што може да го кажеме е дека тој е навистина во тешка состојба која бара да се префрли во друг оддел, а не на Клиниката за Трауматологија. Утврдено е дека додека се наоѓа на овој оддел, лекарите соодветно го третирале и дека никогаш не била одбиена работна задача од страна на персоналот. По консултација со вработените лица, како и со семејството договорено е пациентот да се префрли во Геронтолошкиот завод каде би ја добивал нега и третман што се соодветни за неговата здравствена состојба.
По ова веќе ништо не се соопштуваше за човекот. Прашавме во министерството дали човекот е префрлен на Геронтолошкиот завод и каква е неговата здравствена состојба. Но оттаму без одговор. Сепак, дознавме дека човекот е префрлен во Геријатрија. Овој пат министерот Филипче не ја искористи можноста како што вообичаено прави, да ја извести јавниста преку социјалните мрежи.