Сите канти се преполни, сметот е расфрлан наоколу. Клиничкиот центар е затрупан со ѓубре. Уште од влезот па се до хелиодромот на секој чекор има купишта отпадоци. Ваква беше денеска сликата во најголемиот здравствен комплекс во Македонија.
Највалкано е во паркот пред Интерните клиники. Тука на сите страни се расфррлани пластични шишиња, кеси, чаши и остатоци од храна.
Секој ден низ кругот на Клинички минуваат илјадници пациенти и нивни роднини. Граѓаните се револтирани од нехигиената и коментираат дека никогаш не било вака валкано.
– Стамота е ова, па почисто е како го викаат во Дрисла, вели повозрасен граѓанин.
–Дрисла,ова е Дрисла, никаде го нема ова, а 21 век сме, додава дуг пациент.
-Се плашам од зарази како не се плашам, ѓубре има на сите страни, вели револтирано повозрасна скопјанка.
-Ова е болница и треба да е чисто. Многу ѓубре има, ова е од поодамна ѓубре, никогаш вака не било, коментираат граѓани кои ги затекнавме во Клинички.
Изминатите неколку години приватна фирма ја одржуваше хигиената на Клинички , но новиот тендер беше поништен пред околу 4 месеци.
Од министерството за здравство изјавија дека бараат најсоодветно решение за трајно надминување на проблемот со ѓубрето во Клиничкиот центар.
Од МЗ додаваат дека ингеренциите за одржување на хигиената на Клинички биле вратени на Службата за општи и заеднички работи за потребите на скопските клиники од каде пак велат дека немаат кадар бидејки министерството за финансии не дозволувало вработување. За да распишат нов тендер за избор на фирма која ќе го чисти клинички чекаат одобрување од сите директори на клиниките.