Во последните два месеца, откако низ медиумите редовно се пишува за епидемијата на коронавирусот, често се споменува споредбата помеѓу оваа нова болест и сезонскиот грип. Иако помеѓу двете болести постојат сличности, разликите меѓу нив се големи.
Што имаат заедничко коронавирусот и грипот?
И двете болести се вирусни, но за разлика од вирусот на грипот, кој спаѓа меѓу најистражуваните, новиот коронавирус сè уште претставува загатка за научниците. Понатаму, двете болести се шират преку капки, вклучувајќи кивање и кашлање.
– Станува збор за нов вирус и ние сè уште учиме како се однесува. За грипот знаеме многу: како да се справиме со него и што тој прави. Кај новата болест сè уште не знаеме точно како се шири и кои заштитни мерки треба да се преземат – вели за лондонскиот „Тајм“, Питер Опеншоу, професор по експериментална медицина на Империјалниот колеџ во Лондон.
Италијанскиот имунолог, професор Масимо Гали истакнува дека клиничката слика на заболените од Ковид-19 повеќе личи на онаа кај САРС отколку кај грипот. Впрочем, новиот короанвирус е „роднина“ на вирусот САРС.
Кои се симптомите на болеста?
Грипот почнува ненадејно, а некои од симптомите се температура, кашлица, болка во грлото, главоболка, болка во мускулите и умор, а понекогаш повраќање и дијареја. Што се однесува до Ковид-19, лекарите сè уште се обидуваат да ја разберат целата слика на симптомите и тежината на болеста. Пријавените симптоми кај пациентите варираат од благи до тешки и може да вклучуваат висока температура, сува кашлица и останување без здив.
Според прегледаното истражување објавено пред неколку дена во списанието „Џурнал оф американ медикал асосиејшн“, врз основа на анализата на хоспитализираните пациенти, се покажало дека 83 до 98 отсто од пациентите развиле треска, 76 до 82 отсто сува кашлица, а од 11 до 44 отсто умор и болки во мускулите. Забележани се и други симптоми, вклучувајќи и главоболка, болка во грлото, болка во стомакот и дијареја, но тие се ретки. Покрај тоа, многу пациенти болни од Ковид-19, слично на САРС, првата недела покажувале благи симптоми, но наредната недела симптомите станале посериозни.
Колку трае периодот на инкубација кај грипот и кај Ковид-19?
Инкубацијата кај грипот варира од еден до пет дена (просечно два дена), но луѓето се заразени веќе еден ден пред почетокот на симптомите и четири до седум дена по почетокот на болеста. Што се однесува до инкубацијата на Ковид-19, многу работи се непознати. Повеќето луѓе се разболуваат по пет-шест дена, но се смета дека периодот на инкубација е до 14 дена.
Забележани се и случаи на инкубација од 21 ден. Но, не се знае целосно временската рамка на пренос. Се смета дека луѓето се заразни пред крајот на периодот на инкубација, непосредно пред почетокот на симптомите, како и додека симптомите се видливи и таа личност се чувствува болна. Научниците сега истражуваат дали може да дојде до зараза и во раната фаза на инкубација.
Колку луѓе годишно умираат од сезонски грип?
Се проценува дека од сезонски грип умираат помеѓу 290.000 и 650.000 луѓе. Но, треба да се има предвид дека грипот почнува со милион луѓе на едната хемисфера и само се прелева на другата, поради што побрзо достигнува драматичен број на болни и мртви. Епидемијата на Ковид-19 почна кон крајот на 2019 година од малку луѓе кои веројатно се заразиле на пазарот во Вухан. Затоа, на Ковид-19 му било потребно повеќе време да се рашири.
Која болест е посмртоносна и позаразна?
Без сомнение, Ковид-19, чија стапка на смртност изнесува околу 2 отсто, додека смртноста од сезонскиот грип 0,1 отсто. Понатаму, се чини дека Ковид-19 е значително позаразна болест бидејќи секој инфициран во просек заразува 2,2 лица, а за повеќето видови на сезонски грип оваа бројка е околу 1,3.
Дали ранливите групи луѓе се еднакво изложени на двете болести?
Постарите луѓе со нарушен имунолошки систем се под ризик и од грип и Ковид-19. Но, за разлика од грипот, кој може да биде опасен за помалите, Ковид-19 не се чини таков. Само 2 отсто помлади од 19 години биле заразени во Кина, а нема податоци дека починало дете помладо од 9 години.
Како се лекуваат грипот и Ковид-19?
За сезонскиот грип постојат вакцини и лекови што ја ублажуваат сериозноста. Ниедна таква терапија не постои за Ковид-19, но научниците низ светот интензивно работат на развивање вакцина. Исто така, во терапијата се применува и терапија со веќе регистрирани антивирусни лекови.
Извор: Jutarnji.hr