Дали семејните лекари имаат услови да даваат гинеколошки услуги на пациентки? Дали специјалистите гинеколози, кои се преоптоварени со работа во болниците, ќе можат да работат и како матични? Ова се клучните прашања што ги отвораат дел од лекарите за новиот проект кој го најавија здравствените власти, со кој семејните лекари и специјалистите-гинеколози ќе работат и како матични гинеколози во градовите каде има недостаток од овој кадар.

Др Душко Филиповски претседател на здружението на приватни матични гинеколози и долгогодишен гинеколог смета дека со овој проект не се решава проблемот во примарната гинекологија.

„Достапноста на жените до гинеколошки услуги технички ќе ја зголеми, меѓутоа она што ние како административна бројка ќе го регистрираме, не значи дека сме го решиле проблемот со примарна гинекологија. Примарната гинекологија не е само број на лекари, туку е стручност и квалитет на работење. Ако како бројка ние само се ослониме на тоа дека бројчано сме ги исполниле критериумите и имаме таму лекари кои што работат и како матични гинеколози, тогаш бројката како бројка ќе ја задоволиме, но што правиме со патологијата што се јавува во секојдневната работа, се плашам да не квантитетот односно бројката на гинеколози се стави пред квалитетот на давањето услуги?“ – вели д-р Душко Филиповски – Матичен Гинеколог и Претседател на Здружение на приватни матични гинеколози.

И во минатото имало обид лекари од секундарно и терциерно здравство да вршат породувања во внатрешноста на земјава каде нема гинеколози, но тој проект не заживеа, вели д-р Филиповски и стравува дека истото може да случи и сега. Се сомнева и дали семејните лекари ќе имаат услови за работа.

„Прашање е колку колегите од семејна медицина се оспособени стручно за обавување на оваа работа, бидејќи во примарната гинекологија во нашите ординации ние некогаш се среќаваме со многу сериозни проблеми, кои што не трпат импровизација или претпоставки. Втора работа се просторните и техничките услови. Колегите треба да имаат соодветна опрема за да можат да ја обавуваат оваа дејност.“ – вели д-р Душко Филиповски.

Семејните лекари со овој проект ќе влезат во голем ризик, сметаат во здружението на приватни матични лекари. Д-р Лилија Чолакова решението го оценува како лошо. Според неа, не може во иста просторија каде што одат пациенти со морбили и грип да се примаат и трудници.

„Здравјето на една трудница и на бебето што го носи и третманот во тие 9 месеци е навистина бесценето и не можеме од една сосотојба и систем кој функционира на примарно ниво да правиме една сваштарија. Значи во голем ризик ќе влезат и трудниците што ќе одат кај тие семејни лекари, бидејќи бројот на влезови кај семејни доктори е од 100 до 140, огромен е бројот на влезови во примарно ниво, додека вие за да земете еден квалитетен ПАП треба време за да се направи како што треба, бидејќи ние и сега се соочуваме каде кога ќе дојде пациентка од гинеколог велат не е добро земен ПАПот, нема доволно материјал“. -вели д-р Лилија Чолакова – Семеен доктор и Претседателка на Здружение на Приватни Матични Лекари

Од здружението на приватни матични лекари велат дека вакви проекти не може да се носат без консултација со стручната фела.

„Сметам дека условите за простор опрема и кадар не се исполнуваат, поготово колегите што работат како концесионери. Вие да земате ПАПОВИ во услови каде што нема интимност, каде што нема простор таа жена да се раскомоти, не може нешто да се прави без нешто да се договори за услови за плаќање и за начин на функционирање така што сметам дека не е во ред. Треба да се консултира стручната фела. Не може без да седнат на иста маса Фондот, лекарската фела ќе влезат во голем ризик семејните доктори.“