Децата со хронични заболувања кои често престојуваат на Клиниката за детски болести и во болницата во Козле ќе добиваат маски како заштита од загадениот воздух. Во овие две здравствени установи на располагање имаат околу 7000 маски кои веќе почнале да им ги делат на пациентите. Една од главните причини за тешките респираторни инфекции е аерозагадувањето кое изминатите денови ги постави Куманово и Скопје меѓу најзагадените градови во светот. Засега во детските болници немаат пациенти со тешка клиничка слика и поради топлото време се уште доминираат вирусите.

-Се уште доминираат проливи, повраќање и температура. Но имаме и со респираторни инфекции, пневмонии кои по краток престој на клиника ги пуштаме дома, вели др. Катерина Ставриќ, Клиника за детски болести.

Освен загадувањето, почна и сезоната на грипот. Но доцни заштитата од ова вирусно заболување бидејќи се уште траат тендерските постапки за набавка на вакцини. Од Министерството за здравство најавија дека имунизацијата ќе стартува на 5ти ноември, но не е исклучена можноста од пролонгирање на рокот.

-Почнавме со евиденција и на грипот. Земаме примероци од сомнителни деца со симптоми на грип, но засега нема потврда за ова заболување. Мора да ги почитуваат препораките, чисти раце, здрава храна и избегнување на затворени протстории каде има поголема концентрација на луѓе, вели др. Ставриќ.

И на детска и во болницата во Козле велат дека капацитетите не им се целосно исполнети, но очекуваат наплив на пациенти кога ќе дојде до драстична промена на временските услови.