Повеќе професии се соочуваат со дилемата да се остане или да се замине, да се работи овде или да се фатат европските патишта меѓу нив во изминатиов период се и лекарите. Фелата цело време алармира на реалните проблеми во здравството, вели д-р Божидар Кочоски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.

-Можеме да бидеме и мудри, за разлика од останатите и да ги следиме процесите кои се случуваа во соседството, Бугарија, Романија, Хрватска. Реално, миграцијата на лекарите е проблем кој се случува и во побогатите земји. Македонија не е одмината, за жал, но ефектите присутни во ова општество ќе бидат разочарувачки за целокупниот македонски народ, според нашите очекувања и предвидувања за тој процес, вели тој.

По ветувањата и високите очекувања за плата од 1000 евра, покачувањето од 5% е далеку од соодветно, смета тој и додава дека девалвацијата на лекарите која се случуваше во изминатите неколку години го наруши односот меѓу лекарот и пациентот, а фрустрациите кај лекарите биле создадени намерно и политички.

-Во Македонија може да опстои само систем насочен кон пациентот, каде што и лекарите му помагаат на него. Тоа е клучот со којшто ќе го зголемиме и задоволството на пациентите и задоволството на лекарите. Министре Филипче, Македонија е премногу сиромашна земја за да можеме да губиме каков било кадар во кој било инвестирано и бил наменет за овој народ. – посочи Кочоски