Автомобили паркирани на тротоарите и пристапните патеки, преполни паркинзи, и возила кои не можат да се разминат е дел од секојдневната слика во Клиничкиот центар во Скопје. Влезот во самиот Клинички е буквално блокиран, оти едната лента се користи место паркинг, и по иста лента се движат и автомобилите на пациентите и амбулантните возила, кои носат итни случаи.

Но тука не завршува голготата, како што пишавме претходно ништо подобро не е ниту во внатрешноста на клиничкиот центар, пациентите кои имат потреба од итна медицинска помош редовно и без пардон се дел од собраќајната гужва и метеж секој ден . Тука нема посебна лента за овие возила, побрзо да влезат, односно излезат. Тука Европа не е ниту на повидок, ниту во најава, а не како што велат надлежните и во министерството и во државата дека вака се влегува во ЕУ.

Пациентите реагираат дека некогаш и по цел час кружат додека да најдат слободно место за паркирање и дека некојпат поради тоа доцнат и на закажаниот термин. Други пак велат дека кога носат некој тешко болен од семејството се принудени да влезат во кругот на клинички и дека да го остават сами болниот, а тие да бараат паркинг место надвор.

За сето ова време министерот смислува, тактизира, одлучува, одлуката е стрпете се некаде пролетта треба да има нова катна монтажна гаража. Можеби ќе ја има можеби не, ама апел до македонските пациенти. Стрпете се!

„Проблемот со паркирањето е голем и се провлекува со години. Се должи на тоа што е издаден огромен број картички само за вработените, со кои се надминува капацитетот на паркингот и дополнително со луѓето кои влегуваат и имаат потреба од здравствени услуги како пациенти“, рече Филипче.

Тие 2-5 илјади пациенти кои вегетираат низ клиничкиот центар не се причина за подобро решение, ниту пак возилата на итна помош што не можат да навреме и брзо ги однесат пациентите на кои им е потребна итна медицинска нега до местото на лекување. Каде е сега Филипче да даде решениe?