Според прилозите од вчерашната емисија „360 степени“ на телевизија АлсатМ, лекарот кој е на телефон проценува дали на граѓанинот му е потребна помош или дава соодветен совет или препорака каде да се јави самиот пациент.
Може ли по телефон да се решава за живот и смрт? Или тоа е последица на недоволен капацитет?
– Најголемата потреба од зголемување и на техничкиот и на кадровскиот потенцијал на итната медицинска помош е токму во Скопје.
Имено според одреден пример во вторник, 25 септември 2018-та година, еден човек три пати ѕвонел на телефонскиот број 194. Високиот крвен притисок, неподносливата болка во градниот кош и кичмата упатувале на инфаркт. Симптомите и искуството од пред 6 години, кога доживеал еден срцев удар, го натерале да ја побара Итната помош.
– Но кога ги добил тие му рекле да се напие диазепам. Се напил диазепам и му рекле дека после пола саат ќе мора да му се смират болките. Но сепак не се смириле болките и по саат и половина пак се јавил, но никого не добил. Околу 4 часот бидејќи градите почнале повеќе да го стегаат, они велат од таму не е тоа инфаркт, имале поитни случаи не можеле да дојдат. Да знам која приватна клиника има Брза помош и би можела да дојде јас веднаш ќе се јавев, па колку и да чини нека чини – вели овој скопјанец.
При трите повици докторите го советувале да се напие диазепам и апчиња за мокрење за да го спушти притисокот. Но, ништо од тоа не помогнало. Откако неговиот син се вратил од работа и ја видел критичната состојба, веднаш го однел на Клиниката за кардиологија.
Докторите му вградиле втор стент и по една недела лекување го пуштиле дома.
Итната медицинска помош во Скопје е стационирана веднаш до Поликлиниката Букурешт. Тука е и централата во која стигнуваат сите телефонски повици од главниот град. Докторите на смена прават проценка од кој степен е повикот. Неретко се завршува со совет по телефон. На терен се излегува само ако проценката вели дека повикот е од прв степен – што значи дека веднаш треба да се интервенира, или од втор степен – дека може да почека, но по извесно време да добие помош.
Ваквите повици за интервенција се пренасочуваат и до пунктовите во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Чаир“, во зависност од адресата на повикот.
Тоа значи дека централата и двата пункта опслужуваат повеќе од 700 илјади граѓани во Скопје. Слабата покриеност на теренот ја потврдува и статистиката до која стигнавме со барање за пристап до информации од јавен карактер. Во периодот од 1 до 10 октомври се регистрирани 2.055 повици, од кои со теренска посета е одговорено на 903 или 44 отсто. Повеќе од половината -1.146 повици завршиле со совет по телефон.
Пунктовите исчезнуваат поради недостиг на кадар. Според планот, во Скопје треба да има 62 тима. Но, 10 доктори се на специјализација, 7 користат боледување, па така се доаѓа до бројка од 45 тима, кои се поделени во 5 групи по 9 екипи во смена. Но, со оглед на тоа што двајца лекари ги примаат повиците во диспечерскиот центар, на терен функционираат по 7 тима. Ова е далеку под европскиот просек, признава директорот на Јавната здравствена установа Скопје, Злате Мехмедовиќ.
– Од една страна го задржавме кадровскиот потенцијал, од друга страна изгубивме да даваме квалитетна специјалистичка здравствена заштита во специјалистичка служба на град Скопје. Ако збориме само за пер капита колку треба да има екипи во брзата помош, законски би требало да има 15 екипи за она население кое го имаме со цензусот од 2002 година – смета Мехмедовиќ.
Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна распиша повик за изработка на студија која треба да одговори на дилемата – дали Итната помош ќе функционира подобро според моделот на јавно-приватно партнерство. Додека се чека анализата, слабостите ќе останат.