Надлежните ќе го поправаат компјутерскиот томограф во велешката болница. Ова му го ветил министерот за здравство Венко Филипче на првиот човек на болницата, Димитар Стровјаноски.
Томографот кој веќе шест месеци е расипан е од исклучително значење за пациентите од Велес и околината, но поправката на дефектот ги надминува можностите на буџетот на болницата, тврди Стровјановски.
„Ноба рентген цевка треба и не е мала поправката. Работните часови му се поминати и зависи дали тука имаме такво нешто или производителот да испорача таква цевка и замена на истата.“ – вели Стровјаноски.
Поради неработењето на овој апарат, пациенти со мозочни удари, но и други тешки заболувања се препраќаат во болниците во Скопје и Штип, при што се губи значајно време во борба за нивните животи.
„И во дијагностиката на многу работи што ги третираме на тумор или промени во телото, томографот е незаменлив.“ – вели Стровјаноски.
Сепак, поправката на компјутерскиот томограф нема да ги реши проблемите на велешката болница. Најголеми се оние со недостигот на лекари и болнички персонал. Директорот Стровјановски тврди оти добил уверување од министерот Филипче дека наскоро ќе се дозволи доекипирање на кадарот во оваа здравствена институција, од која помош чекаат преку 50 илјади граѓани.