Резултатите на двајцата странски граѓани од Австралија и Сингапур, кои утрото беа изолирани во хотел во Скопје, и беа тестирани дали се заразени со коронавирус, се негативни. Меѓутоа двајцата странски граѓани се префрлени на Клиниката за инфективни болести за соодветен третман и дијагноза.
„Денеска по пријава на хотелот, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје – Скопје од пациентите земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба, каде тие останаа до добивањето на резултатите. Тие денеска ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата.“, велат од Министерството за здравство.
Странските граѓани во земјата дошле на 28 февруари и двајцата престојувале во истата хотелска соба, а дошле со авион од Келн – Германија. Од хотелот известуваат дека последните три дена тие имале слични симптоми со вирусот.
Од утрово целиот хотел е изолиран од полицијата и не беше дозволен влез или излез. Инаку, министерството предложи да не се одржат јавни собири до 13 март. Ова исто така важи и за фудбалските натпревари.
Министерството за здравство извести дека досега сите лица кои влегуваат во земјата, освен информативни летоци, преку смс пораки ќе бидат известени што треба да направат доколку им се појават симптоми.