Во светот научниците пронаоѓаат се повеќе докази дека коронавирусот можат да го шират и здрави луќе кои не покажуваат никакви симптоми, додека пак некои од нив сметаат дека секој кој бил изложен на болеста може да се смета за преносител. Ваквите откритија само ја комплицираат ситуацијата и напорите да се стави под контрола пандемијата наречена Ковид-19.
Навидум здравите луѓе кои можат да го пренесат вирусот се сместуваат во три категории:
–Пред-симптоматични, оние кои немаат симптоми кога го шират вирусот, но се разболуваат неколку дена подоцна;
-Асимптоматични, луѓе кои никогаш не развиваат симптоми;
-Пост-симптоматични, луѓе кои се разболуваат и оздравуваат, но остануваат заразни.
Во САД засилено се размислува да се препорача сите да носат заштитна маска околу устата и носот. Покривањето на устата и носот со маска или со шал „нема да ве заштити, но доколку сте носител на болеста, ќе го намали количеството кое вие го пренесувате“, вели Карл Бергстром, биолог од Универзитетот Вашингтон.
Во првите месеци на пандемијата, здравствените власти ги базираа своите препораки на верувањето дека ширењето се случува од луѓе кои киваат или кашлаат и притоа исфрлаат капки кои го содржат вирусот. Но како поминува времето така нештата се менуваат.
Еден друг коронавирус, САРС, кој беше идентификуван во Азија во 2003 и предизвика застрашувачка, но краткотрајна епидемија, никогаш не се рашири на нивото на актуелниот Ковид-19. Иако и во тој случај беа откриени некои асимптоматични инфекции, ниту една не го ширеше вирусот. Со оглед на тоа што преносители на вирусот беа луѓе со симптоми, здравствените власти можеа да се фокусираат само на нив и можеа подобро да ги изолираат заболените луѓе и да го спречат ширењето.
„Тоа беше многу, многу полесно да се ограничи“, вели Бергстром. Кај новиот вирус, додава тој, „имаме и асимптоматични и пред-симптоматични трансмисии“.