Лекарската комора на Македонија секој петок одржува он-лајн дискусија која овој пат беше во насока на оддржување и поттикнување на комуникацијата меѓу сите нивоа на здравствениот систем, со цел размена на искуства и сознанија во дијагностиката и третманот на пациентите со ковид-19.
На оваа дискусија се зборуваше за фактот дека компликациите од коронавирусот можат да бидат многу сериозни, но и тешко препознатливи. Некои компликации се акутни, но некои се јавуваат и две недели по дијагностицирањето и тоа кај пациентите кои првично имале полесни респираторни симптоми. Иако коронавирусот е респираторен вирус, сепак тој предизвикува комплексно мултисистемско заболување.
Светските статистики покажуваат дека 36 проценти од пациентите со ковид вирусот развиваат и невролошки компликации, каде вирусот директно напаѓајќи го нервниот систем може да предизвика промени на расположението кај заболените, проблеми со меморијата, проблеми во движењето или когнитивни потешкотии. Вирусот има потенцијал да предизвика респираторна инсуфициенција дури и во услови кога нема сериозен наод на белите дробови. Во фазата на цитоцинска бура може да предизвика мозочен едем, а како компликација се јавуваат и мозочни удари. Јасно е дека невролошките компликации кои ги дава ковид-19 се сериозни. Важно да се препознае дека има невролошко засегање за да може соодветно да се лекува, посочија докторите.
Од Лекарската комора соопштуваат дека мозочен удар може да биде и иницијална манифестација на ковид-19. Ковид-19 може да даде и одложени автоимуни одговори, како последица на молекуларна мимикрија, кои ги предизвикуваат антителата што организмот ги создава како последица на инфекцијата со ковид 19. Трнење на шаките и стапалата и отежнато движење се симптоми кои би можело да упатат на овој тип на компликации.
Сериозни и тешки компликации се и невропсихијатриските, како што се потешкотии при спиењето, несоници, страдање на меморијата, збунетост, намалена функционалност, делириум и психози.
Посебен акцент во дискусијата се стави на потребата од отворање на пост-ковид амбуланти за подолготрајно следење на пациентите инфицирани со SARS-CoV-2, бидејќи компликациите кои може да ги направи вирусот, значително може да го нарушат квалитетот на животот.