Здружението на приватни лекари контра министерот Филипче – Со субвенции за семејна медицина нема да ги задржи младите лекари ниту пак ќе ги мотивира матичните доктори во државата. Тие бараат реформи и национална стратегија за да може да има матична амбуланта и во Дојран, Македонски Брод, Пехчево и другите помали градови. Од Здружението алармираат дека само со утврдување на фиксна плата и укинување на казните ќе има задоволни лекари во примарната здравствена заштита.

-За да ги задржат лекарите мора под итно промена во плаќањето, капитација двојна, влез кај матичен, закажување на преглед. Нема ни Р од реформи. Не смее да има казни кои сега ги плаќаат матичните, треба укинување на казнената политика бидејќи нигде во регионот нема казни, само кај нас според правилниците во ФЗОМ матичните се казнуваат и за административни грешки, вели Лилија Чолакова Дервишова претседател на ЗПЛРМ.

Од здружението велат дека во многу градови во внатрешноста фалат хирурзи, гинеколози, уролози и не треба да се фаворизира субвенционирањето само на една специјалност.

-Мора здравствениот денар да се дели подеднакво, да има планска распределба а не фаворизирање само на еден сегмент, вели Чолакова.

Вчера, пак, министерот Филипче најави дека недостатокот од околу 350 матични лекари во државата ќе го пополнува со субвенционирање на специјализација по семејна медицина. На тој начин очекува да ги мотивираат младите доктори да работат во примарното здравство. Ваквата мерка е донесена по анализата на терен заедно со Светска банка и Светската здравствена органзиација.