На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје направени се првите лапароскопски операции на ехинококна циста на црн дроб (во народот позната како кучешка тенија). На одделот за детска хирургија во изминатите месец дена се оперирани две деца на возраст од 8 и 13 години.
Оперативниот тим предводен од д-р Илирјана Каранфили Шеху, раководител на Одделението за детска хирургија и д-р Шенол Тахир, дигестивен хирург во соработка со анестезиолошкиот и оперативниот тим, успешно се изведени двете сложени операции, за кои, според достапните податоци, се први од ваков тип изведени во земјава.
Предноста на оваа метода е пократко оперативно време, помала постоперативна болка и компликации, пократок престој во болница, побрзо заздравување на пациентот и враќање во нормални животни активности.
– Секако за изведување на оваа лапароскопска техника особено кај помали деца потребно е добро едуциран и истрениран хируршки и анестезиолошки тим. Процесот и периодот на едукација за оваа техника не е лесен и бара повеќегодишна соодветна едукација и пракса. Клиниката ќе продолжи со трендот на воведување на нови и современи оперативни методи и техники во интерес на пациентите од сите возрасни категории, велат од Клиниката.
На оваа клиника за прв пат, пред речиси дваесет години, се изведе првата лапароскопска апендектомија кај педијатриски пациент, од страна на тогашниот раководител на одделението за детска хирургија, д-р Александар Христов.