По предупредувањето кое денеска стаса од СЗО до болниците ширум светот да се подготват за можно ширење на инфекцијата од мистериозниот вирус кој веќе уби еден човек и зарази десетици во Кина, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека ги следат препораките на светските експерти, а дека кај нас можеме да откриеме еден од Коронавирусите – МЕРС.
Додека јавноста во земјата е во дилема дали (не) оправдано повторно нè заплашуваат со нови вируси на грип, по алармот со свинскиот грип што се појави пред неколку години, научниците нагласуваат дека досега не виделе таков вирус. Тестовите само покажуваат дека тој е корона вирус и дека станува збор за нов тип на вирус!
„ИЈЗ во континуитет ги следи новините и препораките на СЗО и во сезоната на грип врши дијагностика на соодветен материјал од пациентите со Сериозна Акутна Респираторна Инфекција (САРИ – систем за следење) во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика, кој се тестира на инфлуенца и широка палета на други вирусни причинители, вклучително и на Коронавирус ХКУ1, Коронавирус ОЦ43, Коронавирус 229E, Коронавирус НЛ63. Исто така, постојат капацитети и за детекција на МЕРС корона вирусот“, објавија денеска лекарите од ИЈЗ на веб-страната на оваа институција, под наслов „Појава на кластер на случаи со пневмонија во Кина, поврзан со појава на нов Corona virus“.
Состојбата редовно се следи од страна на СЗО и Европскиот Центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) и новите информации се споделуваат во реално време. Стручните тимови од ИЈЗ – Секторот за контрола и превенција на заразни заболувања и Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика (ЛВМД) ги следат внимателно настаните преку информации на спомнатите референтни институции.
Вкупниот број заболени поврзани со овој кластер достигна до 59 случаи на заболување од кои 7 со потешка клиничка слика и еден смртен случај. Заедничка за сите случаи е изложеноста на пазарот на морска храна во Вухан (трговија на големо, пазар на морска храна и живи животни).
Прелиминарните истражувања сугерираа на вирусна пневмонија.
Првичните вирусолошки и молекуларни тестирања кај заболените случаи ги исклучија вирусите на сезонски грип, вирусите на птичји грип, аденовирусите, досега познатите коронавируси – САРС и МЕРС, како предизвикувачки агенс на ова заболување.
Понатамошните тестирања детектираа и потврдија дека се работи за нов корона вирус, а дополнителните истражувања за генетско секвенционирање на изолираните вируси од овие пациенти дадоа позитивен резултат, така што сега е официјално потврдено дека Вухан-вирусот е дел од родот бета-коронавируси, подрод Sarbecovirus, додаваат од ИЈЗ.
Wuhan-CoV се чини дека во 89 отсто е сличен на коронавирусите кај лилјаци, најслични со САРС вирусите во споменатиот подрод.
Според кинеските власти, до овој момент не може да се документира ниту еден случај на пренос на оваа инфекција од човек на човек.
Нема пријавени случаи меѓу здравствени работници.
Висока температура, треска, лезии на белите дробови
На 31 Декември 2019 година, кинеските здравствени власти пријавија до СЗО кластер на случаи на пневмонија од непознато потекло во градот Вухан, провинција Хубеи во Кина.
Заболените имале симптоми на висока температура, треска и тешкотии во дишењето, со радиолошки тест компатибилен со обострани лезии на белите дробови.
Сите случаи се ставени во изолација, а во тек се активности за пронаоѓање на контакти. Истовремено се преземени и мерки и активности за хигиено-епидемиолошка санација на просторот на посочениот пазар, кој е затворен за јавноста на 1 јануари 2020 година.
СЗО засега не ги ограничува патувањата во Кина
Врз база на информациите обезбедени од националните здравствени авторитети на Кина, препораките на СЗО за јавно-здравствени мерки и надзор над инфлуенцата и тешките акутни респираторни инфекции сè уште се применуваат (остануваат на сила). СЗО не препорачува било какви специфични мерки за патниците, велат од ИЈЗ.
Во случај на појава на симптоми кои сугерираат респираторно заболување, било во тек или после патувањето, патниците се советуваат да побараат медицинска помош и да споделат информација за патувањето со здравствениот работник.
СЗО советува против примена на какво било ограничување на патувањето или трговијата во/со Кина, врз основа на информациите што се моментално достапни за овој настан.
Досегашните истражувања идентификуваа вкупно 739 блиски контакти, од нив 419 се здравствени работници. Сите се ставени под здравствен надзор, а досега не е докажана никаква поврзаност со пријавените случаи на заболени лица. Нема новорегистрирани случаи од 3 јануари наваму.
Потребно е да се продолжи со истражувања за добивање на посеопфатни информации за да се разбере актуелната состојба и можниот иден развој на ситуацијата, да се утврди изворот, начините на пренесување, можноста за ширење на инфекцијата и потребните противепидемиски мерки.