Лекарската комора донесе одлука да ѝ се изрече јавна опомена на докторката Нина Цаца Билјановска која е заболена од коронавирус и побара да се поведе постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој е единствен независен и надлежен орган на Комората да расправа за одговорноста на лекарите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија и да носи одлуки за евентуално привремено или трајно одземање на лиценцата за работа.
Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора денес одржаа вонредна седница на која се расправаше за етичкиот аспект на однесувањето на д-р Нина Цаца Билјановска, која откако се вратила од Италија, спротивно на препораките, продолжила со извршување на работните задачи и цела недела одела на работа.
„Лекарската комора остро ја осудува постапката и однесувањето на д-р Нина Цаца Билјановска, поради тоа што со непочитување на препораките за домашна само изолација, кои важат за сите граѓани кои доаѓаат од високоризични земји за пренесување на коронавирусот, предизвикала морално-етичка и правна одговорност. Етичките принципи на хуманост и почитување на личноста и животот го обврзуваат докторот на медицина со своето однесување да води грижа, а не да им наштетува на своите колеги и пациенти, како и да биде спремен да преземе одговорност за своето постапување, не само спрема пациентите и колегите, туку и спрема заедницата во целина“, се наведува во соопштението.
Лекарската комора уште еднаш апелира до докторите на медицина и до сите здравствени работници да се однесуваат како што доликува на докторската професија професионално, одговорно и разумно, како и во целост да ги почитуваат дадените препораки, упатства и насоки од Владата со цел да се заштити здравјето на граѓаните.