На што може да укажуваат ладните дланки и стапала?

Нашиот организам природно ја регулира телесната температура. Доколку надвор е многу ладно, телото како приоритет го одредува непречениот доток на кислород до срцето и другите витални органи што се наоѓаат во нашето торзо, а тоа може да го намали количеството на крвта што стигнува до периферните делови – стапалата и дланките. Поради тоа, тие стануваат поладни од остатокот од телото. Исто така, не е реткост дланките и стапалата кај некои луѓе да се природно поладни, дури и кога надвор не е зима, па треба дополнително да ги заштитат и згреат.

Меѓутоа, за разлика од погоре опишаниот случај, ладните дланки и стапала може да бидат симптом на некое заболување, на пример анемија, срцеви заболувања, дијабетес, хипотироидизам (забавена работа на тироидната жлезда), Рејнов синдром (нарушување на работата на ситните крвни садови во дланките и стапалата), недостиг од витамин Б12… Затоа, корисно е да побарате совет од лекар, особено ако неодамна сте ја забележале оваа појава.

КАКО ДИШЕЊЕТО ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ

Дали сте знаеле дека појавата на ладни дланки и стапала е многу честа кај луѓето што имаат лоша техника на дишење? И дека со дишењето можеме да влијаеме врз циркулацијата? Кога дишеме пребрзо и плитко, нашите крвни садови се собираат. Од друга страна, кога го правиме тоа бавно, длабоко и на нос, нашето тело испушта азот оксид, молекул што игра клучна улога во подобрувањето на циркулацијата и снабдувањето на клетките со кислород. Со собирањето на крвните садови доаѓа до намален проток на кислород, а со самото тоа и до ладни екстремитети. Покрај тоа, кога пребрзо дишеме, ослободуваме и преголемо количество јаглерод диоксид, а тој ја регулира pH-вредноста на крвта. Не е добро премногу да го намалиме количеството на јаглерод диоксид во крвта, бидејќи тогаш може да дојде до намалување на нивото на хемоглобинот (кој го пренесува кислородот низ телото). А тоа исто така влијае врз појавата на ладни стапала и дланки.

Па, затоа, обрнете внимание на дишењето: важно е повеќепати во текот на денот да се потсетите да дишете побавно и подлабоко. Корисно е за потопли дланки и стапала, но и за многу други процеси во телото.