Постојат неколку видови инфекции со кандида – на уста, грло и хранопровод, на гениталии, како и инвазивна кандидијаза која може да биде поопасна, а генерално се јавува кај лица кои веќе страдаат од други здравствени проблеми. Кандидата е габа од која постојат над 200 разни видови. Дел од овие видови живеат во нашето тело, односно во устата, на кожата и цревата.

Проблемот настанува кога овие габи ќе се размножат премногу и ја нарушуваат природната рамнотежа на бактерии во организмот. Најчестиот вид за појава на инфекции е таканаречената Candida albicans. Сепак, некогаш инфекциите можат да бидат предизвикани и од други видови кандида. Овие инфекции се познати како кандидијаза.

Што е кандидијаза?

Кандидијазата е габична инфекција предизвикана од габата кандида. Инфекцијата може да се појави на неколку делови од телото – устата, грлото и хранопроводот, како и вагината. Постои и поопасен вид на инфекција со кандида, позната како инвазивна кандидијаза.

Кандидијаза на уста, грло и хранопровод: Симптомите на кандидијаза на уста, грло и хранопровод можат да бидат различни. Дел од најчестите се: бели дамки во внатрешноста на устата, црвенило и болка во устата, губење на сетилото за вкус, болка при голтање, испукана кожа и црвенило на рабовите на усните. Кандидијазата во оваа област е генерално ретка појава кај здравите луѓе. Обично се појавува кај бебињата, особено оние помали од еден месец, но има и некои ризични фактори за возрасните, како: носење протези, дијабетес, рак, ХИВ/СИДА, терапија со одредени лекови, како антибиотици, лекови кои ја сушат устата и пушење. Ако не спаѓате во ризична група, можете да ја спречите појавата на кандидијаза во устата со правилно одржување на оралната хигиена.

Вагинална кандидијаза: Вагиналната кандидијаза е мошне честа и се претпоставува дека барем три четвртини од жените ја имале барем еднаш во животот. Најчестите симптоми се: чешање во областа на гениталиите, болка за време на секс, болка при уринирање, абнормален вагинален исцедок. Инфекција со кандида може да се јави и кај мажите, а обично е проследена со симптоми како црвенило и чешање.

Вагиналната кандидијаза е честа појава, а постојат и некои фактори кои го зголемуваат ризикот: бременост, хормонална контрацепција, дијабетес, ослабен имунитет (поради ХИВ, хемотерапија и слично) и пиење антибиотици.

За да ја спречите појавата на вагиналната кандидијаза, препорачливо е да носите памучна долна облека. Истовремено, за интимните делови користете нежни сапуни и шампони, без парфеми. Ако земате антибиотици, разговарајте со вашиот лекар за спречување на појавата на кандидијаза. И, секако, не пијте антибиотици на своја рака. Ако имате инфекција, избегнувајте сексуални односи додека да ви помине.

Инвазивна кандидијаза: За разлика од претходните два вида, инвазивната кандидијаза може да биде сериозна инфекција бидејќи може да зафати разни делови од телото како срцето, мозокот, очите, коските… Во овој случај, кандидата е во крвотокот и на тој начин се разнесува низ телото. Луѓето кои имаат инвазивна кандидијаза обично веќе страдаат од некој друг здравствен проблем.

Генерално, главниот симптом е треска која трае премногу долго. Па, во овој случај препорачливо е да одите на лекар за да добиете точна дијагноза. Постојат неколку ризични фактори за појава на инвазивна кандидијаза: долг престој во болница, ослабен имунитет, неодамнешна операција, земање големо количество антибиотици, проблеми со бубрезите, дијабетес и предвремено родени бебиња.

Постојат некои работи што можете да ги направите ако сте во ризична група за да се заштитите. Ако сте во болница, секогаш кажувајте им на лекарите ако почувствувате необични симптоми. Истовремено, редовно мијте ги рацете. Ако сте во ризична група, најверојатно самите лекари да ви препишат одредени лекови што го намалуваат ризикот од инфекција. Постојат и други (поретки) видови кандидијаза. Затоа, ако забележите какви било симптоми, секогаш консултирајте се со лекар за да добиете соодветна дијагноза и соодветна терапија.