Водата претставува околу 60-70% од нашата телесна тежина, секој дел од нашиот организам има потреба од неа за да функционира правилно. Недоволното внесување на вода води до дехидратација, а во таков случај нормалното функционирање на телото е невозможно. Водата го забрзува метаболизмот, го зголемува нивото на енергија, ја навлажнува кожата и му помага на телото да се ослободи од штетните токсини.

Придобивки од пиењето на вода се следниве:

Водата ја зголемува енергија. Една од најчестите причини поради кои луѓето се чувствуваат изморени во текот на денот е дехидратацијата. Дури и најслабата дехидратација води до намалување на енергијата. Водата ѝ помага на крвта во транспортот на кислород и други материи до различните клетки во телото.

Го забрзува метаболизмот и помага во слабеењето. Токму затоа секоја диета препорачува пиење на барем 2 литри вода дневно. Консумирањето на 1-2 чаши вода пред оброк значително го намалува апетитот и води до внесување на помал број калории. Но, освен тоа, водата го забрзува метаболизмот, особено ако е ладна. Кога консумирате ладна вода, телото се обидува да се затопли, а за да го направи тоа, троши дополнителни калории.

Водата помага подобро и подолго да вежбате. Водата ја регулира телесната температура за време на вежбањето. Ако пиете доволно вода, ќе имате повеќе енергија и сила да го завршите вежбањето. Покрај тоа, водата ќе ви помогне да ги спречите грчевите на мускулите.

Водата го подобрува варењето на храната. Растителните влакна и водата се силна комбинација која го подобрува варењето на храната.

Го намалува ризикот од камен во бубрегот. Експертите предупредуваат дека честите случаи на камен во бубрегот кај децата и возрасните се последица на недоволната консумација на вода. Водата ги раствора минералите и солите во урината кои придонесуваат за создавањето на камен. Пијте доволно вода за значително да ја намалите веројатноста за појава на камен во бубрезите.

Водата може да ја излечи главоболката. Главоболката често се јавува како последица од дехидратација. Во таков случај, консумирањето на неколку чаши вода ќе ви помогне да се ослободите од непријатната болка.