Крајно време е да обезбедиме средина која нема да ги осудува ниту, пак, ќе ги дискриминира лицата болни од ХИВ или од туберкулоза. Само на тој начин ќе гарантираме заштита и остварување на основните човекови права. Владата на Република Македонија водена од концептот „Едно општество за сите“ вложува напори да создаде општество ослободено од предрасуди. Секој од нас е различен и посебен на свој начин. Болеста не треба да биде мерило за тоа каква е една личност.

Ова го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на отворањето на дводневниот 39. состанок на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза кој почна денеска во Скопје.

Посочи дека присуството на повеќе делегати од сите страни на светот укажува на фактот за почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство и за успешното справување со ХИВ вирусот и со туберкулозата како два големи здравствени, но и општествени проблеми.

– Во изминативе 14 години за борба против ХИВ и туберкулоза за Република Македонија се издвоени како фонд дури 34 милиони долари. Почнувајќи од оваа година Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена Владата за 2018 година издвои 1,5 милиони евра или три и пол пати повеќе во споредба со минатата година, рече Заев.

Со тоа, потенцира, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите против ХИВ и туберкулоза од страна на државата. Нагласи дека со овие средства Министерството за здравство создало услови да продолжи имплементацијата на сите превентивни програми кои во изминатите години се спроведувале токму со финансиска поддршка и помош од Глобалниот фонд.

– За одбележување е податокот дека програмите за превенција се направени и во текот на оваа година ќе се имплементираат заедно со претставници од 15 граѓански организации и организации на засегнатите групи на граѓани. Во нашиот регион се соочуваме со релативна нивна стапка на ХИВ и на туберкулоза. Токму ниската стапка на болни донекаде ни ја олеснува работата – со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме, истакна Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче презентирајќи  дел од заклучоците кои произлегле од состанокот рече дека тој се одржал во време кога високата политичка заложба за превенција од ХИВ и туберкулоза е исклучително важна во Југоисточна Европа. Посочи дека во моментов земјите ја зголемуваат државната финансиска поддршка, додека Глобалниот фонд ги поддржува земјите со највисоки стапки на овие болести, а со помал економски капацитет.

– Бидејќи зајакнувањето на одржливоста е тековен процес, дијалогот од овој министерски состанок треба да продолжи во рамките и меѓу земјите на политичко и техничко ниво со вклучување на различни сектори, вклучително и засегнатите заедници и граѓанското општество, додаде Филипче. 

Извршниот директор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и турбекулоза, Питер Сендс рече дека Глобалниот фонд направил огромен придонес работејќи со многу партнери кога станува збор за намалување на смртноста и распространетоста на овие болести.

– Има различни причини за различните болести и не можеме да бидеме сигурни дека она што го направивме за да дојдеме до тука ќе биде истиот рецепт за да продолжиме и понатаму. Не сум сигурен дека ако правиме малку повеќе од она истото што досега го правевме, нема да ги оствари нашите цели да ставиме крај на епидемиите до 2030 година. Треба да се смениме малку, посочи Сендс.

МИА