Во Скопје и во неколку поголеми градови првите новороденчиња пристигнаа уште на први јануари, но голем број други градови се уште се во очекување на нивните нови жители. Она што ќе остане забележано во ланската 2019-та, а ќе биде за прв пат запишано во историјата на Македонија е негативната стапка на природен прираст на населението. Беа родени помалку деца отколку што починале граѓани, или според статистиките на демографот Дончо Герасимовски за период од 9 месеци, се родиле 14 622 што е помалку за околу 1500 од истиот период во 2018. За разлика од негативните бројки на живородени, морталитетот е во пораст. Лани умреле 730 повеќе лица во споредба со истиот период 2018.
Демографот Герасимовски вели дека овој негативен процес во Европа е почнат поодамна, а веќе неколку години се пресликува и во земјите од регионот. Македонија е последна во опкружувањето, но за точни резултати потребен е попис на населението што поскоро. Интересен е податокот што општините со претежно албанско население кои го правеа позитивниот процент на природен прираст во 2019-та е во опаѓање.
Главната причина покрај модерниот начин на живеење во Европа, кој опфаќа едно до две деца во семејство, во Македонија причина е иселувањето на младите. Герасимовски смета дека е потребен итен план и стратегија за демографија, но искуствата покажуваат дека државите кои влегле во негативна стапка на природен прираст со години остануваат во таков статус без можност да го вратат наталитетот во позитива.