Македонскиот војник кој е заразен со коронавирус е на пат од Африка кон Македонија. Станува збор за 55 годишен потполковник сомнителен на јужноафриканскиот сој на вирусот кој доаѓа во земјава со посебен медицински транспорт.
Потполковникот ќе биде сместен во посебна изолирана соба на Клиниката за Инфективни болести, а оттаму се веќе подготвени и стапиле во контакт со лабораторијата во МАНУ од каде ќе се потврди дали станува збор за јужноафриканскиот сој или не. Јужноафриканскиот сој е поопасен од останатите мутации, побрзо се шири има потешка клиничка слика и според епидемиолошки анализи е отпорен и на дел од вакцините.
Директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ посочи дека тој ќе биде згрижен, ќе биде изолиран, а не е исклучена можноста од брисевите што ќе ги достават да не добијат резултат токму поради времето кога е позитивен.
Во земјата е на сила одлуката за сите кои се враќаат од африкански земји да има 14 дневен карантин.