Мали парчиња путер и мармалад во голема кутија. Ова за храна требаше да го добиваат пациентите хоспитализирани во Штипската клиничка болница, обелоденија од ВМРО ДПМНЕ.
Од понеделникот, храната во болницата ја доставува приватна компанија која го доби најголемиот тендер во Штип, во износ од 16.520.000 денари, истакна Љубе Здравков, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Штип.
-Согласно условите предвидени во тендерот за набавка на храна, пациентите за појадок требаше да добијат- леб, путер, мармалад, топено сирење, корнфлекс и стерилизирано млеко. Наместо погоре наведеното, пациентите во штипската болница добија само премала количина путер и мармалад, рече Здравков.
Тој додаде дека не само еден ден, согласно тендерот, 250 пациенти оваа храна ќе ја добиваат дури 5 пати во неделата.
-За скандалот да биде уште поголем, компанијата која ја доставува храната очигледно не ги исполнува ни основните услови за производство, транспорт и пакување на храната. Актуелниот Директор не само што не се погрижил да осигури задоволување на основните законски услови за достава на храна за болни лица, туку и предвидената количина е недоволна за закрепнување на пациентите. Го повикуваме директорот на Клиничката болница да каже – дали компанијата која го доби тендерот има воведено ХАСАП за производство на храна, ако знаеме дека вака изгледа местото од каде потекнува храната, рече Здравков.
Тој праша и дали компанијата е регистрирана како кетеринг кујна?
-Дали транспортот на храната се врши согласно препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство или со овој обичен пик ап, кој не ги исполнува елементарните услови за транспорт на храна?, праша Здравков и подвлече:
Како е возможно тендерот од 270.000 евра за готови оброци за болнички пациенти да го добие компанија која е ќерка фирма на градежна компанија и која ниту има искуство со производство на храна за комерцијални цели, ниту е регистрирана како кетеринг кујна? Директорот на Клиничката болница е должен да им објасни на граѓаните и на Агенцијата за храна и ветеринарство, зошто применува ваков срамен и нехуман пристап при лекување на пациентите од источниот регион, зошто за неквалитетна и храна подложена на ризик потроши 270.000 евра, и дали пациенти можат да се лекуваат со еднолична исхрана, во лош изглед и мали количини? Ги повикуваме надлежните институции да го истражат случајот и да проверат зошто има реакција меѓу пациентите, затоа што здравјето и грижата за граѓаните е пред се, потенцираше Здравков.