Во месецот на подигање на свеста за машкото здравје и во Македонија се одвива кампањата „Мовембер“ мажите над 45 години задолжително да појдат на преглед на уролог, во Скопје во моментот нема слободен термин кај овој вид специјалисти до јануари.
Граѓани реагираат на социјалните мрежи дека слободен термин кај уролог во Скопје не може да најдат до крајот на годината.
Според податоците од системот за електронско закажување термини „Мој Термин“, слободен термин за преглед на уролог за три дена има во општата болница во Дебар, за четири дена во клиничката болница во Тетово, за 10 дена во болницата во Куманово, а во болниците во Прилеп, Струмица, Струга, Штип, Битола и Кавадарци, слободен термин нема од 15 до 82 дена.
За ехо на простата во Скопје слободен термин има само во здравствената станица во Железара во понеделник, а потоа на трети декември, а во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и во поликлиниката Бит Пазар слободни термини има на 28 и 31 декември.
Од Министерството за здравство велат дека треба да проверат во системот за што точно се работи, односно да проверат според бројот на закажани прегледи и слободни термини што се дадени за да кажат на што се должи оваа состојба.
Можеби сепак свеста проработила кај Македонците, не залудно слоганот оваа година на кампањата е „ Биди маж, закажи преглед“!