Министерството за дигитална трансформација (МДТ) апелира на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници.

  • Во овие најтешки моменти за македонската држава и народ од нејзиното осамостојување, како Министерство надлежно за уредување на прашањата поврзани со медиумите и медиумското работење, апелираме на одговорност, професионалност и заштита на медиумите и медиумските работници. Недопустливи се заканите упатени кон новинари, уредници и медиуми, кои имаат за цел да спречат непристрасно, отворено и квалитетно медиумско известување. Споредено со многу поразвиени општества, македонските медиуми и медиумски работници покажуваат исклучителна професионалност во работата и известувањето, во овие траорни моменти на колективна тага и гнев, се вели во соопштението од МДТ.

Апелираат до надлежните институции за итна и ефикасна реакција, со цел да се утврди одговорноста на секој кој се заканува и го попречува работењето на медиумите за да се обезбеди заштита на новинарите од вакви притисоци.

  •  Овие тешки моменти се тест за целата држава. Ќе ги следиме и во иднина сите слични случаи, затоа што безбедноста на новинарите е од најголема важност за  функционирање на демократијата, наведуваат од МДТ.

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува говорот на омраза и повиците за насилство што се појавија на социјалните мрежи, особено коментарот на извесен Горан Костовски, кој повикува на „палење на ќумезот во Визбегово“, алудирајќи на телевизијата Алфа.

    Ваквите изјави не само што претставуваат сериозна закана за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, туку поттикнуваат насилство и нетолеранција во општеството. Јавниот простор, вклучително и социјалните мрежи, не смее да биде место за поттикнување насилство, туку за конструктивна дебата и размена на мислења.

    Ги повикуваме надлежните институции, особено Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, веднаш да реагираат и да преземат соодветни мерки против ваквиот говор на омраза. Истовремено, апелираме до граѓаните да се воздржат од користење говор кој може да поттикне насилство и да ја загрози безбедноста на медиумските работници.

    ЗНМ останува посветено на заштитата на новинарите и на промовирањето на слободата на изразување во рамки на демократските принципи и законските норми.топ 3