Поттикнати од прогласувањето епидемија на морбили на територијата на целата држава, реакциите на родители чии деца не се вакцинирани и како резултат на тоа овие деца не можат да посетуваат градинка, а наедно е најавено и дека децата што не се имунизирани нема да бидат примени во образовниот систем, првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ укажува дека ниту едно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес, без оглед на здравствената состојба или вакциналниот статус. Свесни сме дека во состојба на епидемија јавното здравје има приоритет и државата мора да преземе соодветни мерки за да го заштити населението и истото тоа го поддржуваме, но државата мора да најде соодветни форми и механизми со кои ќе обезбеди грижа, згрижување, образование на сите деца.
Препорачуваме и сметаме дека родителите треба и мора да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата, но и за сите позитивни и негативни ефекти од неа, како и за квалитетот и безбедноста на вакцините. Во насока на погорекажаното, државата треба да преземе одговорност ако има негативни реакции врз здравјето на децата како резултат на вакцинација, наедно да гарантира квалитет што нема да биде проследен со различни афери. Дополнителна конфузија кај родителите/старателите за важноста или опасноста од имунизацијата создава и неусогласениот став меѓу педијатрите, лекарите и здравствените работници. Затоа, сметаме дека е важно ставовите за имунизацијата да бидат усогласени од страна на сите релевантни чинители (педијатри, лекари и здравствени работници) и сериозно да се земе предвид стравот на родителите, односно да се разгледаат нивните причини што ги водат во донесувањето одлука за вакцинирање или невакцинирање на децата. Игнорирањето случаи каде што деца имаа одредени здравствени тешкотии како резултат на вакцинација нема да го зголеми бројот на имунизирани деца, напротив, ќе предизвика уште поголем отпор како резултат на нејаснотии и условување на родителите да ги вакцинираат децата доколку сакаат да го остварат правото на образование што им е загарантирано со закон и со Конвенцијата за правата на детето.
Наместо рутинска контрола пред вакцинацијата на децата, треба да биде практика целосен, соодветен и темелен преглед на детето и да ги опфати сите деца, без оглед на социјалниот, економскиот и образовниот статус на родителите/старателите. „Меѓаши“ нуди соодветни и јавно достапни документи, за јавноста и родителите да бидат информирани за вакцината ММР, како и позитивните и негативните аспекти од имунизацијата на децата, но и потребата за дополнителни здравствени прегледи и проверки пред децата да примат вакцина.
Во основа, сите одлуки што се носат од страна на родителите и надлежните институции се со една заедничка цел, а тоа е заштита на децата и нивното здравје и живот. Но потребно е да се искреира конструктивно решение, кое ќе ги надмине сите недоразбирања и ќе се води од принципот за најдобриот интерес на детето.
Нашиот став се заснова на принципите на Конвенцијата на правата на детето.
Македонија ја има ратификувана Конвенцијата за правата на детето и има обврска да ја применува во сите одлуки што се носат и се однесуваат на децата во нашата земја.