По реакциите во јавноста пред Нова година кога министерството за здравство на оглас за државен советник бараше личност со завршено историја, економски или правни науки од ресорното министерство испратија соопштение до медиумите во кое тврдеа дека огласот бил распишан по стара систематизација и признаа дека не бил соодветен. Еве дел од нивното соопштение кое беше пуштено ден откако Венко Филипче стана министер за здравство.
-Потенцираме дека огласот е распишан по постојната систематизација, која за жал, свесни сме дека не е соодветна. Веднаш е почната постапка за нејзино менување, со цел во иднина да не се повторуваат вакви или слични огласи, стоеше во соопштението од министерството за здравство.
Очигледно е дека тогаш од министерството ја излажаа јавноста и си продолжија по старо бидејќи месецов на оглас од министерството за помошник раководител на сектор бараат личност со завршено високо образование по библиотекарство и документација.
Zdravstvo.mk за огласот веќе објави текст во кој беше напишана реакцијата од лекари од Клиничкиот центар кои тврдат дека огласот за тоа работно место однапред е наместен и според нив треба да биде примена актуелната секретарка на министерот за здравство Венко Филипче, која исто така била секретарка и на поранешниот министер за здравство од редовите на СДСМ Владо Димов. Според нашите лекарски извори тогаш во министерството била ангажирана со средно образование, а во меѓувреме завршила факултет за библиотекарство и дискутабилно е искуството во струката како што е наведено во еден од критериумите на огласот. Нашите извори брифираат дека со поставувањето на посочената особа на работното место помошник раководител на сектор кое е меѓу највисоките раководни места во хиерархијата на јавната администрација ќе се направи скок од неколку скалила.
Инаку овој оглас отвора и многу прашања, што лице со завршен факултет за библиотекарство би го советувало министерот за здравство Филипче и зошто на огласите за вработување во министесртвото за здарвство не се дава можност да конкурираат лица со завршено факултет по медицина, стоматологија или фармација имајќи го во предвид фактот дека во МЗ речиси и да нема вработено лекари, а и тие што имаат завршено медицински факултет занимале или наскоро ќе заминат во пензија.