Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски до верниците од исламска вероисповед испрати честитка за празникот Рамазан Бајрам.
„Ви посакувам добро здравје, среќа, мир и благосостојба во вашите домови. Денешниот празник не учи на хуманост, меѓусебно помагање и почит еден кон друг. Традицијата е она што не обединува, а не што не разделува, со векови христијаните и муслиманите живееле на овие простори и заеднички празнувале, се радувале, но и тагувале. Треба и да продолжиме понатаму градејќи заедничка иднина за Македонија.
Само заедно и сплотени можеме да изградиме држава во која нашите деца ќе сакаат да живеат, наместо среќата да ја бараат што подалеку од своето родно огниште.
Живееме во тешки времиња кога целиот свет се справува со светска пандемија, сите граѓани без разлика на верската и етничката припадност го споделуваат тешкиот живот. Покрај здравствената криза имаме и тешка економска криза, и силна ерозија на моралните вредности. Живееме во време кога правдата не е достижна, кога власта е прва во рекетот, наместо справување со него, кога наместо едно општество за сите, прави поделби, внесува раздор и прави дискриминација. Делиме исти маки, исти проблеми, една заедничка судбина, и затоа одлуките ќе ги донесеме заеднички и заеднички ќе се избориме за обнова и подобра иднина“, се вели во честитката.