„Смрт за фашизмот, правда за Ромите!“, „Салвини – Мусолини!“, „Нема правда, нема мир!“, „И ние сме дел од Македонија“, „Стоп за расизмот“…, беа дел од скандирањата на стотина Роми кои маршираа низ скопските улици за да го одбележат Денот на сеќавање на жртвите од холокаустот врз Ромите – 2 Август, како сеќавање на трагичниот настан од 2 август 1944 година, кога биле убиени над 3.000 ромски мажи, жени и деца во гасните комори на логорот Аушвиц-Биркенау во Полска.

Ромите маршираа до Амбасадата на Италија каде што на заменикот-амбасадор му предадоа протесна нота за политиката кон ромската заедница во Италија. Владата на Италија поттикнува политики на протерување на Ромите од Италија, за што се бара и нивно етничко попишување.

Писмото е доставено и до Амбасадата на Украина и до Делегацијата на Европската комисија. Во Украина пред неколку недели беа убиени четворица Роми од неонацистичка група.

„Ние сме деца и внуци на оние луѓе кои беа убиени за време на Втората светска војна и имаме почувствувано и доживеано на наша кожа дека расизмот никогаш не понудил подобра иднина, дури ни за расистите! Тоа довело само до повторување на ужасна и катастрофална историја за сите.

Ние сме решени да дејствуваме со сите наши сили против овој нов бран на насилства и расизам кон Ромите, не само да се заштитиме себеси и нашите деца, туку и во одбрана на сите граѓани, во одбрана на нашата цивилизација и на нашата демократија“, истакнаа организаторите на маршот.