Министерството за надворешни работи објави соопштение во кое се препорачува македонските граѓани поради состојбата со коронавирусот да не патуваат во Италија, а оние кои се веќе таму да преземат мерки на претпазливост, како и да ги следат упатствата на локалните медиуми.
– „Согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Венеција – Италија, заради сериозноста на состојбата со COVID-19 во земјата, препорачуваме нашите граѓани да не патуваат во следниве региони и провинции: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција. Исто така препорачуваме да избегуваат непотребни патувања во останатите делови на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.
Информираме дека нашиот Генерален конзулат во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации. Во таа насока се одложува фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk.“- се вели во соопштението.
Имено трите позитивни лица на коронавирусот што се регистрирани во Македонија претходно престојувале во Италија. Министерството за здравство информираше дека здравствената состојба на двајцата сопружници заболени од коронавирусот кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје е стабилна. Состојбата, пак на првата заболена пациентка е исто така стабилна, а ќе биде направен уште еден тест на коронавирус за да се потврди дека таа повеќе нема да биде инфективна.