Дијана Рикаловска, мајка на ученик со атипичен развој кој користи поддршка на образовен асистент во редовната настава е задоволна од развојот на оваа услуга, но и воопшто, на воспоставувањето на систем од страна на МОН, со кој се обезбедува поголема инклузија во образованието.
По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, таа, образовната асистентка на нејзиното дете и одделенската наставничка ги споделија своите лични искуства.
„Ја имам таа среќа овој концепт да се воведе на почетокот на образованието на моето дете, за да може веднаш да ги почувствуваме придобивките и од финансиски и од психолошки аспект. Финансиски затоа што образовните асистенти се вработени преку МОН и не се на терет на родителите, а од друга страна ја покриваат програмата и се она што треба да совладаат децата на начин кој што е најдобар за нив”, вели Рикаловска.
За асистентката Борјанка Мариски вработувањето на стручни лица во редовниот образовен процес е огромен напредок за државата што и ја мотивирало да се пријави на конкурсот бидејќи смета дека само вака сме чекор напред кон остварувањето на целта на секоја држава, а тоа е создавање образование по мерка на секое дете.
Соња Илиевска Гоџирова, одделенски наставник во ООУ “Гоце Делчев” во Скопје, објаснува дека веќе се навикнала на соработката со образовната асистентка.
– Ми помага многу во извршување на образовните задачи со дечињата, затоа што секогаш е тука покрај мене, ги насочува, им објаснува, така што дечињата се среќни и задоволни. Во однос на соучениците, во одделението иако дечињата се на мала возраст, отсекогаш и минатата учебна година и оваа учебна година беа добро прифатени од страна на другите соучениците кои научија дека треба да ги почитуваат различностите и инклузивноста во образованието”, вели Илиевска Гоџирова.