Министерството за здравство соопшти дека на националниот систем „Мој термин“ е воведена можност за издавање сертификат за прележан Ковид-19. Сертификатот им се издава на сите лица кои во последните девет месеци биле позитивни на Ковид-19 и се регистрирани како позитивни случаи во Националниот систем.
– Сертификатот може да се преземе кај матичниот лекар или со најава на страницата vakcinacija.mk. Сертификатот е на македонски и англиски јазик, содржи податоци за лицето (име и презиме, ЕМБГ, ЕЗБО, датум на раѓање, пол) тип на тест, датум на тестирање, датум на позитивен резултат, здравствена установа (лабораторија) каде што е направено тестирањето, како и QR-код. Сертификатот е заверен со дигитален печат на Министерството за здравство, информира Министерството.
Според Министерството за здравство, со последните бројки 52 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49 % од населението над 65 години и 43 % од населението над 60 години е вакцинирано исто така со барем една доза вакцина.
Од вчера започна дистрибуцијата на вакцините на „Синовак“ во сите центри за имунизација и масовна вакцинација во земјата. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со ова се создадени услови за динамика на давање прва доза на вакцина на 10 до 15 илјади граѓани на ден, како и дека од 15 или 20 јули е предвидено да започне и теренска вакцинација.