Над 400 лекарите кои се на приватна специјализација најавија протест пред Владата доколку не им бидат исплатени заостанатите дежурства од февруари и не добијат здравствено осигурување.

Исто така најавија и дека ќе престанат да лекуваат пациенти на матичните Клиники доколку не се реши нивниот проблем со Фондот за Здравство. Тие преку отворено писмо бараат помош и вклучување на Премиерот Ковачевски за решавање на нивниот проблем.

– Ноќното дежурство како и дневната работа претставува пружање на здравствени услуги за кои Фондот е обврзан преку договор кој го имаме потпишано да не исплаќа. Така да првиот чекор би било престанок на пружање на здравствени услуги кои реално и потенцијално би довело до колапс на здравствениот систем и матичните клиники, бидејќи ќе се соочат со акутен недостаток на лекари. Доколку и тоа биде игнорирано од страна на Фондот и Владата на штета на здравјето на граѓаните следниот чекор кој како ЗЛС и со подршка на нашите колеги е протест пред Владата на РСМ, изјави д-р Александра Георгиева, претседател на Здружението на лекари специјализанти.

Од Фондот за здравство велат дека тие не ги исплаќале дежурствата на специјализантите, тоа било обврска на здравствените установи каде специјализираат, а тие им доделувале годишни буџети.

– Ние ги контактиравме директорите на Клиниките и нивното образложение е дека пари од Фондот за здравствено осигурување за таа ставка не пристигнуваат, односно неофицијално Фондот усно ги информирал сметководителите на Клиниките да престанат да го исплаќаат ноќниот труд, бидејќи Фондот едноставно нема да дава пари за таа ставка, вели д-р Георгиева, претседател на ЗЛС.