Филипче повторно со кренати раменици. Штом планот за изградба ќе биде одобрен од општината, ќе се започне со проектирање на новата болница. Следува прашањето: Кога ќе биде одобрен планот од општината? Прашаето се повеќе личи на реторичко, а одговорот изостанува.
Веќе 8 години се ветува изградба на нова болница во Струга каде изминативе години често се случуваат дефекти на дотраената медицинска опрема, а поради оптовареност, болницата остануваше и без струја. Министерот Филипче уште пред една година вети дека Струга ќе добие нова болница, која треба да никне на државно земјиште долж магистралниот пат Струга – Ќафасан, но засега на терен нема никакви градежни активности.
„Тоа што административно ни ја запре, ни ја успори постапката беше тоа што имаше мораториум за градба. Се направи административно изземање од тој мораториум за градење и сега документацијата е во Министерството за транспорт и врски кое дефинитивно ќе се врати во општината за да се одобри планот“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
Но, лекарите немаат трпение, бараат соодветни услови за здравствена заштина на пациентите. Дел од објектите во старите и дотраени згради дури и бараки каде што се сместени одделенијата се нефункционални, без просторни услови со амортизирана инфраструктура.
Во струшката болница врие од пациенти. На хирургија, каде има само 16 кревети и две операциони сали, дневно се прават и по 5-6 операции. Пациентите изгледаат како да чекаат хотелска соба, а не болнички кревет. Ние не шиеме кошули, туку спасуваме животи, велат лекарите кои кажуваат во какви услови работат. Др. Златко Лазаревски, хирург, вели дека треба обновување, имаат делумно нова опрема, но просторно се гушат.
Дали повторно станува збор за некаков интерен бизнис или генерално нема заинтересираност на надлежните институции да го решат проблемот. Ова се само дел од прашањата кои ги поставуваат дел од пациентите кои се директно засегнати од ситуацијата во која се наоѓа струшката болница.