Најголемата фабрика во Велес, Маркарт, привремено го прекинува производството откако вработен во фирма, ангажирана како подизведувач е еден од вчерашните шестемина позитивни на коронавирус во овој град, потврди раководството на странскиот инвеститор.
„Маркарт Македонија како транспарентна и одговорна компанија, која максимално ги почитува мерките за здравје и безбедност при работа од самото основање на компанијата, а особено во услови на пандемија, каде на прво место е здравјето на вработените би сакала да ја информира јавноста, особено жителите на Општина Велес, дека лице вработено во надворешна компанија, деловен партнер на Маркарт, е позитивно на Корона вирус. Ова лице не е во директен контакт со вработените на Маркарт Македонија и затоа нема простор за паника. Менаџментот на Маркарт Македонија и покрај сите спроведени мерки, а со цел целосна превенција и сведување на минимум на можноста за ширење на вирусот, донесе одлука за затварање на фабриката во текот на наредната недела“, се вели во соопштението.
Од произведувачот на текстилна автомобилска галантерија велат дека уште пред два месеци, кога почнала кризата со коронавирусот, тие формирале Комитет за координација и управување со мерки и активности за превенција и ширење од болеста Ковид 19 и дека во фабриката е задолжително носење на заштити маски, дезинфекција на раце и пополнување на епидемиолошки анкети и нивно следење на дневно ниво.
„Направивме реорганизација на работното време со пократки смени, без затекнување на вработените меѓу две смени. Редовните состаноци преку ги организираме преку Skype платформата, Се врши редовна дезинфекција на сите простории во фабриката, тоалети, соблекувални, производствен погон, магацин, канцеларии, кантина, возила за превоз, а превозот на вработените е со 50% капацитет на возилата“, додаваат од Маркарт.