За одржување на здравјето на усната шуплина, важно е редовното четкање на забите, нивно повремено чистење со конец и користење течности за плакнење. Но, мора да се обрне внимание и на храната.
Она што веќе знаеме е дека газираните сокови и благото можат да го нагризаат површинскиот слој на забите и да ги оштетат.
Но, постојат и други намирници со кои го загрозуваме нашето орално здравје:
- Цитрусни овошја
Лимонот, портокалот и грејпфрутот содржат широк спектар на витамини и хранливи материи, но цитрусната киселина го зголемува ризикот од оштетување на површината на забите и нивната чувствителност.
Затоа, овие овошја консумирајте ги умерено, соковите разредувајте ги со вода и одржувајте редовна хигиена на усната шуплина по јадење или пиење сок од цитруси.
- Сосови за тестенини
Конзервираните сосови за тестенини, особено оние од домати, може да бидат многу штетни за забите, бидејќи во процесот на конзервирање се користени големи проценти на лимонска киселина и јаболков оцет.
Подобро е сосот од домати да го подготвите сами, во количина доволна за тој оброк, од свежи домати и без конзерванси.
- Пуканки
Често се случува да загриземе зрно пченка кое не испукало. Ризикот од кршење на заб постои кај сите, но најизразен е кај оние кои имаат почувствителни и помеки заби. Исто, делчиња од пуканката може да навлезат во празнините меѓу забите и тешко да се отстранат со четка и конец.
- Мраз и сладолед
Студените мраз или сладолед може да ја зголемат чувствителноста на забот и непцето на промена на температура. Затоа, избегнувајте да ги гризете и полека топете ги во устата.
- Кисела храна
Премногу кисела храна не е добра за целиот организам, а не само за денталното здравје. Иако е тешко да се одолее на кисели краставички или маслинки, потребно е да ги консумирате умерено, за да избегнете нагризување на површината на забите.