Ако удрите лекар додека пружа здравствена заштита е исто како да сте удриле полицаец, а казната со која може да се соочите е и до 10 години затвор, рече на денешната дебата за безбедноста на здравствените работници министерката за правда, Рената Дескоска.

-Согласно нашите закони, лекарите и здравствените работници имаат статус на службени лица во вршење на службени лица. Доколку настане напад при вршење на здравствената дејност, казните се исти како и да нападнале полицаец. Граѓаните не се свесни за ова, затоа е потребна кампања во која тие ќе се информираат – рече Дескоска.

Најниската казна за напад на службено лице е парична и казна затвор до три години, ако се користи оружје казната е до 6 години затвор, а ако се нанесат тешки повреди може да биде и до 10 години затвор.

Во Лекарската комора годинава стигнале 15 пријави за напад на лекар, додека во 2015 година оваа бројка била само 5.

-Факт е дека овие бројки не се точни, туку дека бројките се многу повисоки. Ние со пациентите сме едни за други тука, врската е нераскинлива. Со насилството се нанесуваат голема штета и врз пациентите – рече Гривчева Старделова.

Министерот Венко Филипче рече дека во разговорите за подобрување на безбедноста во болниците разговарал и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска за да може да се вклучи армијата, но се откажал од таа идеја, бидејќи имало административни пречки.

Во однос на старата градска болница каде тројца пациенти нападнаа вработени, министерот рече дека тоа е стара болка бидејќи во таа болница во ноќните часови знаат да дојдат пациенти кои може да предизвикаат инцидент, поради што ќе има и засилено полициско патролирање.

Инаку на денешната дебата која се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет, амфитеатарот беше прилично празен, присутни беа само триесетина лекари. Од Лекарската комора објаснија дека ова било замислено како проширен состанок, но сепак решиле да го отворат за оние што сакаат да дојдат.