Во казнено-поправните установи во Македонија, повеќе од 20% од затворениците се зависници од дрога. Според извештајот на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, 476 затвореници од вкупниот број од 2118 (затвор-притвор), затвореници страдаат од нарушувања предизвикани од употребата на дрога.
Народниот правобранител Насер Зибери, денеска при објавување на Извештајот истакна дека во овие бројки не се опфатени затворениците/притворените кои употребуваат дроги, а кои одбиваат да се лекуват. Тој исто нагласи дека „оваа категорија на затвореници се маргинализрани, стигматизирани и оставени без неопходна здравствена и медицинска заштита“.
– Сериозно е загрижувачка состојба во затворот Куманово каде што 35,5 проценти од осудените лица и 65 проценти од вкупниот број на притворени се лица со нарушувања предизвикани од употребата на дрога. Во составот на медицинскиот персонал во овој затвор редовно е ангажиран еден медицински техничар, а само два пати неделно или по потреба доаѓа општ лекар од Итната медицинска помош, изјави Зибери.
Тој одговорајќи на новинарско прашање дали здравствениот систем на затворите иако е во ингеренции на јавното здравство и натаму е нефункционален, посочи дека забелешката е исправна. Во оваа институција една од дискусиите што се водат е кога и како е донесена одлуката здравствените работници во овие институции да бидат префрлени од јавното здравство.
– Оваа одлука е донеса од причина што директорите на затворите имале големо влијание до здравствениот персонал во врска со медицинскиот третман што им се давал на затворениците. За да се елиминира влијаните на директорите, затворската полиција и на администрација е донесена оваа одлука здравствениот персонал да е вработен во јавното здравство не во дирекцијата на затворите за да се креира некаква автономија. Но, за жал и оваа промена не го донесе потребниот резултат, односно сега има нов проблем, а тоа е дека вината се префрла од затворите кај јавното здравство дека тие не ја вршат работата и обратно, изјави Зибери.
Тој најави дека ова прашање ќе се анализира уште еднаш, оценувајќи дека Министерството за здравство не го дава ни миниумот овие институции да имаат доволни здравствени екипи, специјализирани за зависниците од дрога.