Министерството за здравство ја почна постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и друг потрошен материјал за периодот септември 2018 – септември 2020 година, по реакциите дека неколку месеци не се распишува тендерот. Резервите треба да траат до ноември.

По објавувањето на информацијата на Министерството за здравство дека е започната постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот септември 2018 – септември 2020 година, претседателката на Здружението на болните од дијабетес „Алегрија“, Рената Јакимовиќ, вели дека бараат повторно да се внесат ставките за критериуми и стандардизација на инсулините, глукометрите и сите медицински помагала кои ги кориситат. Таа потсетува дека последните неколку години имале проблеми со стандрадизацијата и квалитетот како на инсулините така и на медицинските помагала.

До отпочнувањето на набавката доаѓа откако во јавноста имаше реакции дека веќе неколку месеци не се распишува тендерот, иако има недостиг од инсулин, а проблемот со дискутабилниот квалитет на лековите како и недостиг на инсулин за болниот од дајбетес е хроничен.

Упативме барање повторно да ги вратиме критериумите за кога ќе се одлучи кои инсулини и помагала да се користат преку тендерот, тие да ги исполнуваат најновите ИСО стандарди за да бидеме сигурни дека користиме сигурни помагала и дека ќе имаме квалитетен живот со дијабет“, вели Јакимовиќ.

Од Министерството наведуваат дека постапката за тендерот ќе трае три месеци, односно дека до средината на ноември пациентите ќе го добијат новиот инсулин и другите помагала и дополнуваат дека до завршувањето на постапката пациентите нема да останат без потребниот лек кој го има во доволни количини.

Бојана Атанасова, шеф на Кабинетот на министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека со новиот тендер треба да бидат минато проблемите со претходната набавка распишана во 2016 година која беше предмет на многу критики на болните од дијабетес кои реагираа дека добиваат неквалитетен инсулин преку паралелниот увоз.

Во целиот процес е вклучена и националната комисија за дијабетес. Дополнително економските оператори кои ќе поднесуваат тендерска документација ќе треба да поднесат и сертификати за квалитет на лекот и одобрение за ставање на лекот во промет што е новитет, со цел пациентите во континуитет да бидат снабдени со инсулин и со подобар квалитет“, вели Атанасова.

Јакимовиќ вели дека во здружението во изминатиот период се воделе многу разговори за квалитетот на инсулинот, а оти проблем е и квалитетот на глукометрите со кои се мери висината на шеќер во крвта. Иако во изминатиот период имаше многу реакции таа вели дека од клиниките немаат точна бројка на развиена компликација од паралелен увоз.

Ги користиме глукометрите од последниот тендер кои при најмала промена на температурата не го покажуваат точниот резултат и покажуваат големи варијации што е опасно и може да паднеме во хипоглукемична кома. За инсулините од време на време повторно се случува да има бурни реакции или да не им делува на пациентите или дозите кои се ставаат вообичаено треба да ги зголемат многу повеќе за да покажат баланс“, вели Јакимовиќ.

Јакимовиќ посочува дека во моментот има инсулин во сите аптеки и изразува надеж дека додека трае тендерската постапка нема да се повторат ситуациите во кои пациенти го чекаа потребниот лек.

По доаѓањето на министерот Венко Филипче беа извршени две вонредни набавки на инсулин во декември и во јуни годинава. Доцнењето на тендерската постапка надлежните ја објаснуваат со собирање на потребните информации за бројот на болните од дијабестес и анализата и проверка на точните количини на лековите и помагалата.

Во изминатиот период имаше контроверзии во врска со лековите од паралелниот увоз за пациентите кои се лекуваат на клиниките за онкологија, хематологија, дијабет како и за ретките болести. Од здруженијата на пациенти реагираа дека по старите одредби од законот лековите од дистрибутери се набавуваа без сертификати за квалитетот и безбедност.

Некои од здруженијата на пациенти бараа целосно укинување на паралелниот увоз на лекови и се сомнева дека и сертификатите може да бидат фалсификувани со оглед на претходните искуства со фалсификувани лекови.