Во време на епидемија, кога расте бројот на заразени од голема кашлица државата е оставена без реагенси за тестирање од оваа болест. Претходното раководство на Институтот за јавно здравје, без ни малку совест ја оставило установата без доволен број реагенси, обелоденува новата директорка, Марија Андоновска. Ситуацијата сега е загрижувачка оти е прогласена епидемија, и повторно се појавуваат случаи на голема кашлица, а институтот на располагање има уште мал број од неопходните реагенси. Новата директорка бара одговорност и одговори од претходното раководство кој и зошто ги довел граѓаните во ваква загрижувачка ситуација.
Микробиолошката лабораторија има утврдено дека нема реагенси за тестирање на голема кашлица, останат е многу мал број, побарав одговорност од минатото раководство и од сите оние кои практично ги довеле граѓаните во ваква состојба, вели Андоновска.
Во изминатите четири дена како е на раководната позиција, Андоновска работела на утврдување на фактичката состојба во која се наоѓа институтот, па открила дека покрај реагенсите за тестирање на голема кашлица, недостасуваат и друг тип. Новиот менаџмент сега работи на итно набавување на реагенси и ги разгледува сите можности како граѓаните да не бидат оштетени. Доколку мора да се распише нов тендер, постапката би траела повеќе од еден месец.
Ние ќе ги разгледаме сите можности за набавка на реагенси ќе се фокусираме првично на реагенсите за голема кашлица и како што споменав ќе го разгледаме сите можности … Јас во овој момент ја информирам јавноста, надлежните институции се тие кои треба да поведат постапка зошто и кој ги довел граѓаните во ваква состојба додава Андоновска.
Инаку, според последните податоци од Институтот за јавно здравје од 19 – 25 јули има 25 нови случаи на голема кашлица, од кои 11 во Скопје, 6 во Куманово, 4 во Тетово, 2 во Битола и по еден во Велес и во Кичево. Заклучно со 25 јули во Македонија има вкупно 956 случаи на голема кашлица од кои 714 се во Скопје.