“Ненамерното користење на зборот пандемија нема да донесе видлива корист, но предизвикува значителен ризик во смисла на зголемување на непотребните и неоправдани стравувања, предизвикува стигма и ги парализира системите. Тоа може да биде исто така сигнал дека ние повеќе не можеме да се справиме со вирусот, што не е точно“, рече Гебреизус во обраќањето до дипломатите во Женева.

Ненадејното зголемување на бројот на случаи на коронавирусот во Италија, Иран и Јужна Кореја е „длабоко загрижувачка“, но вирусот се уште може да се контролира и не може да се прогласи пандемија, рече шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебреизус.

Тој рече и дека за првпат има повеќе регистрирани нови потврдени случаи надвор од Кина, земјата каде што почна коронавирусот и има најмногу заболени. Гебреизус рече дека вчера во светот биле регистрирани 427 случаи, а во Кина 411 случаи.

Комесарот за здравство на ЕУ Стела Кирјакидес, пак, по состанокот во Рим, рече дека земјите членки на Европската унија треба да го координираат својот одговор на избувнувањето на коронавирусот за да се избегнат различни пристапи.

Според последните информации досега глобално има околу 80 000 заболени од коронавирусот. Најмногу има во Кина, од каде што почна заболувањето78 064, а таму починаа околу 2700 луѓе. На европско тло најмногу заболени има во Италија.