Водата не се препорачува за пиење и потребна е редовна и правилна дезинфекција за да може да се користи, се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.
Водата од чешма на локалниот водовод во селото Трстија во општина Виница има зголемена бактериолошка загаденост, а во однос на физичко-хемиските својства, исто како и кај чешма од водоводот во Трсино, регистрирана е неисправност поради што тие воопшто не треба да се користат за пиење.
Загаденоста е утврдена со последните испитувања што ги направиле стручни екипи од Центарот за јавно здравје од Кочани. Анализите од земените примероци во вкупно 9 села покажале дека во Трстија и Трсино има зголемена потрошувачка на калиум перманганат, поради што неопходна е претходна дезинфекција на водата за да може да се користи за пиење.
– Испитаниот примерок вода за пиење од чешма во двор во село Трстија не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка анализа заради присуство на колиформни бактерии. Во однос на физичко-хемиската анлиза, водата во Трстија и Трсино не одговара на законските прописи за испитаните параметри заради зголемена потрошувачка на калиум перманганат. Водата не се препорачува за пиење и потребна е редовна и правилна дезинфекција за да може да се користи, се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.
Испитувањето на примероците од локалните чешми во селата Пекљани, Драгобраште, Крушево, Калиманци, Виничка Кршла, Градец и Истибања покажале задоволителни физичко-хемиски и бактериолошки резултати.
Во писмените препораки до Општина Виница, од Центарот за јавно здравје – Кочани се нагласува дека кај сите селски водоводи е неопходна редовна дезинфекција, односно концентрацијата на резидуален хлор да се движи од 0,2 до 0,5 милиграми на литар вода.