Центарот за зависности од Кисела Вода ќе биде дисперзиран и префрлен во неколку скопски поликлиники. Ова е ново решение на здравствените власти откако пропадна обидот тој да биде сместен во фабриката Металски завод Тито во Гази Баба. Наместо 500 тини зависници на едно место да земаат терапија како досега, од Министерството за здравство велат дека прават анализи во кои 5 установи во градот ќе можат да подигнат метадон. Експертите од оваа област велат дека дисперзија е најдобро решение, но проблем ќе биде недостатокот на стручен кадар.
-Ова е најдобро решение бидејќи ова не е само здравствен проблем туку и социјален и општествен проблем. Треба сите да седнат на маса кои се засегнати со овој долгогодишен проблем. Оние кои го гледаат од подалеку имаат лоша претстава си мислат – Ние ќе имаме Кисела Вода во друга општина, вели Христијан Јанкуловски, експерт во проблематиката со дроги.
Јанкуловски вели дека дисперзија пред 20 години предложила и Светската здравствена установа, но тогаш проектот пропаднал поради револт на здравствени работници. Според информациите, најголем број на корисници на метадон има од скопските општини Чаир и Шуто Оризари, но засега надлежните не кажуваат дали центрите ќе бидат во близина на местото на живеење на зависниците.
-Повторно проблемот се прелеа во Кисела Вода и јас ги разбирам жителите таму, но мора да ги следиме и искуствата од другите земји и да има и рехабилитација за овие лица и психолошка помош, вели Јанкуловски.
Решавање на проблемот со Центарот за зависности се провлекува околу 20 години. Револтот на населението во Кисела Вода ескалираше откако пред две години беа префрлени и 150-те зависници од Клиничкиот Центар.